Отворено писмо до министерката за внатрешни работи на РМ, Гордана Јанкулоска

Високо уважена министерке !

Четириесет и три години ја живеам македонската голгота и се доживувам како исклучително лојален и честит граѓанин на оваа земја. Како еден од младите приврзаници на национал-романтизмот од 90-тата година на минатиот век и човек кој застана на браникот за независност на татковината и демократизација на општеството, покорно ве повикувам и замолувам: Престанете да не апсите и затварате! Ние сме веќе уапсени и затворени…!

Свесни сме за вашата голема грижа кон татковината, но тоа не би требало да ви создава чувство дека е повеќе ваша, отколку наша… Всушност и грижата подеднакво ја споделуваме. Разликата е само во тоа што вие се грижите за пристоен финансиски надомест и многу други привилегии кои призлегуваат од вашиот трон, а ние се грижиме бесплатно.
Само пред неколку дена ве гледав на црвениот фестивалски тепих во Битола, на културниот настан, фестивалот „Браќа Манаки“. Изгледавте величенствено! Стоејќи во народот кој ве дочека, во непосредна близина на патеката по која чекореше македонската елита, македонската филмска авангарда, просто се восхитував на вашиот изглед, вашиот гламур, на вашата грацилност… и како се доближувавте до влезот на битолската културна арена, така во мене растеше возбудата од самото сознание, како ќе уживате во тој вечерен настан за кој што верувам дека значително се разбирате. И можеби не колку вашата колешка, министерката за култура на РМ, но, сепак длабоко верувам дека вашите познавања не се ни многу помали…

Како и да е, сепак ценам дека местото вам ви беше таму како што ви прилега, а мене ми беше онаму… Фестивалската увертира „Présentation de mode” за нас, беше најзначајното доживување на вечерта. Jа дочекавме и последната дама која ни остави дилема дали и таа е дел од фестивалската фела. На неа, најголем впечаток ни оставија црните хулакопки со извезена орнаментика, грозје, со сребрен конец. Не фасцинираше нејзината моќ. Вратите на храмот полека се затвараа, а ние, со силни импресии полека почнавме да се повлекуваме и набрзо се вративме во секојдневната реалност.

Нешто потоа, само за неколку дена, истата таа министерка на која дотогаш и се восхитувавме, се појави на медиумите соопштувајќи и на јавноста дека успешно спровела акција, наречена „Шпиун“.

Навистина ме шокираше актуелната вест, впрочем и целата јавност. На информативните ТВ програми, гледавме како специјалните полицајци кои изледаа многу страшно (барем во мирнодобски услови) влечкаат луѓе натака- навака, а повремено, многу скржаво, медиумите откриваа по некое име инволвирано во случајот. Некои од луѓето кои беа уапсени ми беа познати од медиумите, а за некои воопшто и немав ни слушнато. Одеднаш се појави и името на еден мој пријател. Просто, не можев да поверувам дека тоа го слушнав… дека станува збор за човекот со кого сме македончеле безброј ноќи, дека е тоа човекот што цел свој живот го посвети на градење на државноста и демократијата во Македонија.

Истиот човек што во распадот на Југославија, во една жестока, сурова и неизвесна епоха, ја бранеше македонската кауза и ја градеше партијата која ве донесе на таа позиција и стигнавте до „златниот” пендрек. Тогаш, ни тој, нити јас, не се исплашивме од никого… дури на моменти бевме и дрски и безобразни со луѓето кои не мислеа како нас, иако стануваше збор за прекрасни познаници, сограѓани. И денес се срамам од некои од нив да им погледнам во очи. Тој човек кого неодамна го уапсивте, како што вие практикувате, АД, драга министерке, никогаш не ја пееше песната: „Млада партизанка, бомбе бацала” Си помислив: Господе боже, можно ли е ова…?! Можно ли е мојот пријател да бил некаков “шпиун”, па уште и државен ?!

 И уште пострашно, „зласторнички здружен” ?! Веднаш и се јавив на неговата сопруга, а таа, не можеше нити да ми објасни што се случило. Накратко ми одговори: „Не знам што се случува, немам сила нити да зборувам”. Потоа, продолжив да ги следам вестиите од медиумите. Сето она што можеше да се види, беше ужасно сурово, застрашувачки. Бидејќи вашата служба (професија) е многу далечна од мојата и морам да признам дека немам некакво значајно познавање од таа област, затоа не би сакал, а нити би можел да носам некаков суд…
Како и целата јавност, така и јас ги следев емисиите кои набрзо следуваа и на кои настапуваа еминентни професори (експерти), стручни за таа проблематика. Појаснуваа за начинот на лишење од слобода, постапки за апсење, за приведување.
Е па почитувана министерке, од ниту еден од нив не слушнав дека вашиот начин на применување на механизмите кои сте ги избрале, некој ги оправда, или потврди дека се во ред.
Постои ли некаков кодекс, некакви норми, стандарди или етика во сето ова што се случува?
Ако вашата идеа е да не заплашите, ве уверувам дека ја имате постигнато целта. За прв пат во независна Македонија се чувствуваме небезбедни… за прв пат во нашата татковина постои колективен страв, да неречам и колективна депресија. Затоа, лично сум убеден дека нема потреба од такви спектакуларни акции, со најсилните и најстрашни полицајци, кои со шмајзери упаѓаат во домовите, во спалните соби, небаре ќе апсите некого кој се заканил дека ќе активира атомска бомба. Доволно е да испратите еден курир, тазе бричен и секој ќе дојде сам на распит… и тоа како мисир.
Многу интерено ми се стори, па тоа обвинувањето кое гласи: „Злосторничко здружение”.
Такви здруженија кога не постоеле? Па токму тие здруженија се причина за вековниот егзил на македонскиот човек, македонската емиграција, што се повеќе укажува на македонски егзодус…
Тоа се едни исти фамилии и нивни поколенија кои датираат уште од кралство СХС па наваму, заедно со оние кои им се приклучија во 45-та… Секој систем и секоја власт е нивна. Не се ли тоа злосторнички здуженија? Кога некој ме елиминирал од правото да создавам, да работам она за кое сум се едуцирал, тогаш ве прашувам, како да го дефинираме тој проблем? Ете, затоа неодамна не одевме заедно по црвениот фестивалски тепих, ценета и уважена министерке, иако можеби нескромно, наспроти сите нив се чувствувам „космос”.
Народот се чуди, почитувана. Се прашуваат луѓето што е тоа што може да се шпиунира од нашава земја?!

Што не знае светот за нас?! Внатрешноста на Македонија изгледа како дедо ми Трајан на 85 години, пред да умре, а Скопје не знам што има за шпиунажа?! Тоа би било нешто слично, како некој да шпиунирал некое поголемо српско село.
Најголема државна тајна уважена министерке, е податокот што народот ни се исселува од земјава… тоа што се повеќе народ е по кантите за ѓубре барајќи храна, заедно со кучињата скитници. Секоја втора фамилија размислува да ја напушти татковината. За тоа можеби и треба да молчиме, оти ако разбере агресорот дека нема веќе луѓе, ќе влезе и со клоци ќе не испотепа. Можеби ќе остане само мајка ми во Битола и тоа не дека би сакала, туку е неподвижна, со мозочен удар. Се извинувам, сигурно ќе остане и тетка ми во Брезово демирхисарско!
Уважена министерке, бидете спокојни.

Можеби наскоро и сите ќе си одиме… Дајте ни малку време, дозволете барем да ја пронајдеме нашата алтернативна „татковина”.
Со почит,
Скопје
Гоце Димовски
Дипл. Филмски и ТВ Режисер

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О