Со нив, како што појасни министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, се предлага при промена на живеалиштето, граѓанинот да го одјави претходното живеалиште. Тој е должен во рок од осум дена да ја пријави адресата каде живее.
Џевад Адеми замоли во името на пратеничката група на ДУИ да се повлече предложеното законско решение, како и измените на Законот за лична карта. – Граѓаните Албанци овие измени ги доживуваат како штетни и непотребни и бараат од мене и од пратеничката група на ДУИ да направиме сè што е во наша моќ тие да не се донесат. Затоа пратеничката група на ДУИ овие измени не ги поддржува и со сите процедурални начини во согласност со Деловникот за работа нема да дозволиме да се донесат, рече Адеми.
Пратениците го прифатија во прво читање и дополнувањето на Законот за лична карта со кој се овозможува да се аплицира за издавање на лична карта и во местото каде граѓанинот има пријавено престојувалиште, како и барањето да може да се поднесе и надвор од просториите на МВР, како и на Законот за техничка инспекција со кој се предлага проширување на надлежноста на техничкиот инспекторат, односно тој да постапува и според одредбите од Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, во делот кој што се однесува на санкционирањето на работодавачите кај кои ќе бидат затекнати лица со кои не е заснован работен однос.