Пред 35 години почина претседателот на СФРЈ, Тито, замина на 4-ти мај 1980-тата година во Клиничкиот центар во Љубљана.
Четири дена подоцна беше погребан во Белград во процесија која ја проследија 700.000 луѓе, меѓу кои 209 државни и партиски делегации од 180 земји од светот.
Тито беше неприкосновениот лидер на некогаш заедничката држава од крајот на Втората светска војна, во која го предводеше партизанскиот отпор, па се до неговата смрт со која се означи почетокот на крајот на Југославија кој кулминираше со крвавите војни во 90-тите години.
Секоја година, на годишнината од неговата смрт, во „Куќата на цвеќето“ доаѓаат посетители од сите делови на поранешната СФРЈ да му оддадат почит на маршалот.
Докторот Предраг Лалевиќ кој има 87 години, познат хирург и анестезиолог, неодамна ја објави својата исповед за последните четири месеци од животот на Тито во болницата во Љубљана. Тој е човекот кој е запишан во историјата, кој ги исклучил апаратите кои го одржуваа во живот претседателот на СФРЈ.