Ставревски: Никој не смее да ја негира изборната волја на граѓаните
Илјадници членови и симпатизери на ВМРО ДПМНЕ во колони се движат кон зградата на Собранието кадешто вечерва се одржува митингот под мотото „Македонија силна!“, во организација на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
Пред портата „Македонија“ е поставена бината поради која ноќва мораа да бидат отстранети и семафорите на таа страна бидејќи пречеле да се постави инфраструктурата. Просторот околу Собранието и Жена парк е ограден поради, како што велат организаторите, да се спречело газење на тревата.
Автобуси од цела Македонија во организација на партијата ги превезуваат поддржувачите до главниот град. Присутните се уште се собираат, а се вее државното знаме, партиските знамиња, како и знамиња со ликот на премиерот Никола Груевски. Во меѓувреме свири народна музика.
За вестите на телевизијата „Сител“ од пред Собранието се јави министерот за финансии Зоран Ставревски кој што порача дека „никој не смее да ја негира изборната волја на граѓаните, ниту да не го почитува гласот што тие го дале за тоа кој да ја води државата и кој ќе ги реализира проектите. “