Бојкотот на средношколците од денес се интензивира. Учениците заедно со своите наставници, родители и останати граѓани во текот на наредните два дена почнувајќи од 17 часот ќе ја блокираат улицата пред Министерството за образование и наука со намера надлежните да попуштат во својот став и да ги продолжат преговорите со нив.
Заклучно со денеска истекува и рокот за поднесувањето пријави на матурантите за полагање на државната матура. Средношколците велат дека со овие пријави се врши притисок и не им е јасно зошто по четврти пат ги пополнуваат, меѓутоа денеска ќе го сторат тоа, но со интензивирањето на бојкот преку мирен протест на улица ќе докажат дека нивната битка продолжува .
-Добивме ултиматум од денес за утре да ги потпишеме овие пријави. Ова што се случува толку одолговлекува не е наша вина. Ние стоевме на располагање на МОН да разговараме, да дискутираме, меѓутоа тие не ни излегуваа во пресрет.. Иако ова се четврти по ред пријави, и иако МОН се обидува ова да го спинува дека ако ги потпишеме овие пријави тоа значи дека е постигнат компромис, тоа не е точно, туку напротив, доколку ние матурантите ги потпишеме овие пријави тоа значи дека ние сме разумни, сакаме да бидеме академски граѓани кои ќе успеат од својата држави, изјави средношколката Калина Прелиќ.
Борбата сепак продолжува. Ќе останеме сите генерации сплотени и останува туак до крај. Ние бевме подготвени уште од првиот марш да одиме на преговори, министерството е виновно што овој процес се одолговлекува, ние не го сакавме ова меѓутоа таков избор ни оставија, зијави средношколка .
Истекува и рокот од законското право на бојкот од 25 дена. Средношколците велат дека не стравуваат од можноста да повторуваат година, бидејќи според нив, министерството е виновно што тие не се во училиштата. Единствено им пречат притисоците кои се случуваат во училиштата, каде цивили кои се претставуваат како инспектори бараат име и презиме од нивните родители и лични податоци. Тие ги повикаа директорите да не потклекнуваат на притисоците и да го одбранат својот углед преку поддршката што ќе ја дадат на учениците.
-Министерството е виновно што овој процес се одолговлекува, министерството е виновно што ние 25 дена не сме во училишните клупи, ние не го сакаме тоа, меѓутоа не ни оставија избор, посочи средношколката Калина Прелиќ.
Досега околу 10 илјади граѓани се потпишаа на петицијата за поддршка за средношколците. Средношколците повеќе од еден месец ја бојкотираат формалната настава во училиштата, а веќе втора недела спијат под отворено небо во паркот наспроти МОН. Покрај учениците и наставници и родителите формираа Родителски пленум и одлучија целосно да застанат зад своите деца, сметајќи дека нивните аргументи се издржани.