Македонија се пласираше на ЕП 2016

Ракометната репрезентација на Македонија се пласираше на Европското Првенство што во 2016 година ќе се одржи во Полска откако во денешниот клучен натпревар славеше над селекцијата на Чешка со резултат 32-28. „Црвено-жолтите“ се соочија со сериозни проблеми, во првите дваесетина минути беа во негатива, но предизвиците што ги надминаа го прават овој успех само поголем и „посладок“, а на оваа фантастична генерација и овозможува да продолжи со настапите на големите натпреварувања.



Мечот го почнавме без Кире Лазаров, со доста проблеми во нападот, а Чешка го искористи тоа и веќе во 5. Минута поведе со 2-4. Манасков украден топка и намали на 3-4, пред Митков со својот втор гол да израмни на 4-4. Следеше нова криза во редовите на македонската репрезентација, па Чесите го контролираа резултатот. Голманот Ристовски не дозволи гостите посериозно да се одлепат, па на средина од полувремето Чешка имаше минимална предност од 6-7.



Во 16. Минута атмосферата дополнително се крена откако на теренот влезе капитенот Кире Лазаров, кој веднаш асистираше до Георгиевски за израмнување на 7-7. Чешка пак даде два гола во серија, па при 7-9 Ивица Обрван беше принуден да земе тајмаут. Во вистински момент во ритам влезе Дејан Манасков, кој со својот петти погодок донесе израмнување од 11-11, принудувајќи ги гостинските селектори да побараат минута одмор. Одбраната функционираше беспрекорно, па Манасков со нов прекрасен гол донесе прво водство од 12-11 во 27. Минута. Македонија конечно влезе во ритам, па со двата гола на Кире Лазаров на одмор се замина со предност на нашата репрезентација од 14-11.



Второто полувреме го почнавме со ефикасен напад, но слаба одбрана, но сепак успевавме да ја задржиме предноста од три-четири гола. Во 44. Минута при водство од 24-20 Филип Лазаров шутираше само во дирекот, по што на спротивната страна примивме без гол, згора на тоа Кире Лазаров заработи исклучување. За среќа, Ристовски повторно блесна кога беше најпотребно и одбрани значаен удар, Чесите промашија и пенал, па се приближија само со 24-22. Лазаров од пенал ја прекина серијата на гостите, во следниот напад прецизен беше и Прибак, но Чесите не се преедаваа, па резултатот на две минути до крајот гласеше 26-24. Повторно наивно беше загубена топка, по што Хес намали на 26-25, а Обрван побара тајмаут.



Следниот напад го реализиравме откако Георгиевски влезе на „втор пивот“, но веднаш следеше нов проблем, не само што Чешка погоди за 27-26, туку и останавме со играч помалку по исклучувањето на Прибак. Манасков влезе како среден бек и изнуди пенал што Лазаров го реализираше за ново водство од два гола разлика (28-26), но гостите со многу среќа реализираа преку Здрахала, откако топката по гредата го удри Ристовски во грбот и заврши во мрежата.

И повторно Македонија заигра најдобро кога беше најпотребно, најпрвин погоди Филип, а потоа и Кире Лазаров, па Чесите при „минус три“ на четири минути до крајот побараа нов тајмаут. Советите не вродија со плод, па Борко Ристовски го одбрани обидот од крило на гостите, по што Прибак со нов прекрасен гол ја потврди големата победа. Како што доликува, точка на триумфот стави Кире Лазаров, со својот единаесетти гол за конечни 32-28.

Македонија повторно ќе биде дел од европската ракометна елита, а противниците ќе ги донае веќе в петок, за кога е закажано извлекувањето на групите за шампионатот во Полска.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О