Руралните средини како и градот треба да се развиваат подеднакво, истакна кандидатот за градоначалник на Струга, доктор Владимир Кочоски.
Нагласи дека градоначалникот е избран од народот и мора да му служи на народот, а општина Струга мора да го добие епитетот најубава и најгостопримлива општина.
- Недозволиво е во 21 век жителите на Октиси да немаат едно обично игралиште каде младите ќе можат да играат и да се забавуваат, се уште да не е асфалтиран патот кој ги поврзува селата Октиси и Велешта во должина од два километри, жителите на Лабуништа се уште да немаат спортска сала и да живеат во нечиста, загадена животна средина, подвлече Кочоски.
Програмата со која ја бара довербата, според него, одговара на потребите на граѓаните од сите етнички заедници и не ги дели луѓето по етничка или каква било друга основа.
- Ние како локална самоуправа нема да ги кочиме проектите. Нема да ги селектираме врз основа на етничка или каква било основа. Нема да дозволуваме дивоградби кои го узурпираат просторот и видикот и нема да дозволиме асфалтираните улици да се претвораат во калдрма. Граѓаните нема да живеат во мрак бидејќи ќе го осветлиме градот и селата, а планирани се средства и проекти за развој на спортот, како и за и чествување на сите верски празници, истакна Кочоски.