Решавањето на наметнатиот спор со името на земјата меѓу
Грција и Македонија, претставува тешка задача и најверојатно за тоа ќе
бидат потребни уште многу разговори, вели во интервју за Радио Слободна
Европа Кристофер Ивон, амбасадорот на Велика Британија во Република
Македонија.
Во врска со проблемот со името, Ивон вели:
„Кажав многу одамна, уште од денот кога стигнав тука, дека многу би
сакал да видам решение што побрзо, и тоа да биде заеднички прифатливо и
под покровителство на Обединетите нации. Но мора да признам дека тоа е
навистина тешка задача и дека со голема решителност на властите и
флексибилност, решение може да се најде. И навистина верувам дека
решение е можно, но веројатно ќе треба уште многу зборување пред да
дојдеме до тоа".
Британскиот амбасадор во интервјуто се навраќа и на извештајот на
ад-комисијата за утврдување на настаните во и пред македонското Собрание
од 24 декември и притоа вели:
„Мислам дека клучните работи од извештајот на комисијата се
препораките, а целта која јас ја гледам со донесувањето на извештајот е
да се осигураме дека настаните кои ги видовме на 24 декември на нашите
телевизиски екрани, нема да се повторат. И дека постои напор од
политичките лидери на сите партии да направат се што можат за да ја
научат лекцијата од 24 декември", изјави британскиот амбасадор во
Македонија Кристофер Ивон.
„Мислам дека она на што треба да се внимава е како тој се спроведува.
Таму каде што Британија има право на глас, во дискусиите на Европската
унија, ќе бидеме многу внимателни како напредува спроведувањето на
извештајот. Тоа ќе биде показател за идните извештаи за напредок и
нивната содржина, се разбира доколку сè уште ги има", нагласи
британскиот амбасадор во Скопје.
Говорејќи за тоа дали има потреба од донесување Закон за медиуми,
Ивон истакнува дека „една позитивна работа според мене е тоа што ми се
чини дека за ова има широка дебата и многу од неа се одвива на отворен
начин, како што сум сигурен дека се одвиваат и другите дискусии меѓу
претставниците на предлог законот. Позитивно е тоа што тие разговори се
отворени за јавноста, но не мислам дека можам да проценам дали законот е
неопходен или не. Тоа треба парламентот да го одлучи".