Вечерва на социјалните мрежи се појавија видеа од офанзива на украинската армија со досега невидено оружје кое дава одблесок и развива воздушна печурка како нуклеарното вооружување.
Сепаратистите велат дека украинците добиле НАТО поддршка.
Владимир Путин се очекуваше вчера да го даде својот одговор на француско-германскиот план за прекин на огнот во Украина, засилен со создавање на демилитаризирана зона долж линијата на фронтот. Во планот, според францускиот претседател Франсоа Оланд, се предлага формирање на тампон зона од 50 до 70 км и се бара сепаратистите кои ја имаат поддршката од Русија да се повлечат до линиите на договорениот во септември во Минск прекин на огнот. За возврат, на источните провинции ќе им биде дадена поголема автономија.
Ангела Меркел, која во петокот вечерта заедно со Оланд отпатува во Москва да го изложат нивниот предлог, во саботата беше песимистка во врска со неговите изгледи. Германската канцеларка на годишната конференција за безбедност во Минхен изјави:
„Не е јасно дали тоа ќе доведе до успех, но од мојата гледна точка и онаа на претседателот на Франција, тоа е нешто што вреди да се проба".
Таа призна дека е „разочарувачко" тоа што Русија не го почитуваше договорот од Минск. Во врска со руските гаранции, таа призна дека „искуството не е добро", но додаде:
„Одговорот на овој проблем не може да биде да не се влегува во никаков договор. Се разбира, ние мора да се обидеме повторно и повторно".
Исто така, зборувајќи во Минхен, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека се надева оти неодамнешната дипломатска акција ќе „произведе резултати и тие резултати ќе бидат поддржани од засегнатите страна во конфликтот". Овие разговори Оланд ги претстави како последен обид да се сопре конфликтот во кој досега 5.300 луѓе ги загубија животите.
„Ако не успееме да најдеме не само компромис, туку да дојдеме и до траен мировен договор, совршено добро знаеме какво ќе биде сценариото. Тоа има име, се вика војна", изјави тој пред новинарите во градот Тил во централна Франција.
Во жолчниот апел до публиката составена од високи европски и американски официјални претставници во Минхен, Порошенко изјави:
„Потребни ни се едноставни работи. Потребен ни е прекин на огнот. Можете ли да замислите дека некој во 21 век може да биде против прекин на огнот? Треба да добиеме одговор за само неколку часа, а ако не биде така, тогаш за неколку дена".
Конференцијата ја обелодени длабоката и широка поделеност меѓу Русија и Западот, каде што публиката отворено се смееше на тврдењата од Лавров и други руски претставници дека Москва нема свои сили во украинскиот конфликт.
Меѓутоа, конференцијата, исто така, го истакна и новото разидување за тоа како да се одговори ако не успее иницијативата за мир и ескалираат борбите. Таа ги спротивставува источноевропските земји и особено гласните членови на американскиот Конгрес кои сакаат да испорачаат оружје за украинската влада, наспроти земјите од Западна Европа кои се противат на ваквиот потег. Во средината е администрацијата на Обама, која вели дека се' уште не одлучила што ќе прави.