ПОВЕЌЕ НА | NOVATV.MK
Хасани потенцира дека сколиозата како дијагноза не е итна за лекување, но последиците од неа доколку е во потешка форма може да бидат кардиоваскуларни или белодробни.
„Изгубено е време, требало што побрзо се оперира. Станува збор за прогресивна сколиоза која прави инсуфициенција на срцето и градната шуплина. Јас дадов мислење дека треба да да се забрза постапката“, изјави за НОВА доктор Хасани.
Тој рече дека случајот зависел од администрацијата и турскиот тим од лекари кои требало да се состанат да ја закажат операцијата. Хасани предупреди дека уште едно седумгодишно девојче со тешка форма на болеста чека да добие одобрение за лекување во странство.
„Малата Кенза има само седум години, а веќе има шест операции на рбетот. И двата случаи ќе ги носиме на совест доколку не биде пратена на операција во странство“, потенцира Хасани.
Но, она што е индикативно во случајот е како е можно лекар кој дал конзилијарно мислење од клиниката, да биде член и на комисијата која го одбила мислењето за лекување на девојчето во странство. По ова се поставува прашањето кој всушност одлучува кој од пациентите ќе се лекува во странство, а кој не.
Уште поголема контрадикторност содржи и Решението на Второстепената комисија на Фондот која ја одбила жалбата за лекување во странство на Тамара како неоснована, иако лекарскиот конзилиум од Клиниката за ортопедија дал мислење дека девојчето треба да се лекува во странство бидејќи на Клиниката нема можност да се изврши оваа операција.
Во Второстепената лекарска комисија чиј претседавач е доктор Аспазија Софијанова, актуелна директорка на детската клиника, не го прифатиле мислењето на своите колеги ортопеди и одговориле дека не се исцрпени можностите за лекување во Македонија, односно дека„лекувањето има можност да се изврши на Клиниката за ортопедија, трауматологија,анестезија, реанимација и интензивно лекување.
Комисијата решението го донела на 30. 10. 2014 година, по што семејството ги алармираше медиумите. Под притисок на медиумите министерот Тодоров вети дека ќе се изнајде решение, но само усно, на ветување.
НОВА ги поседува документите од кои се гледа дека конечната одлука на комисијата на Фондот е Тамара да биде одбиена да се оперира во странство.
