Две години од смртта на Никола Младенов - случајот сè уште се води како несреќа

„Сообраќајна несреќа, за којашто не постојат индиции дека е кривично дело“. Вака истражните органи го затворија случајот, односно сообраќајната несреќа во којашто пред две години загина сопственикот и новинарот во весникот „Фокус“, Никола Младенов.

Досега сè уште не е пронајден неговиот мобилен телефон и јавноста сè уште нема одговор на прашањата каде бил вечерта Младенов, со кого разговарал на телефон и дали се сретнал со некого.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев неколку пати најави дека јавноста ќе дознае сè за сообраќајката на македонскиот новинар, но досега нема објавено никакви информации кои би дале друга димензија на овој случај. Единствено што објави е дека токму Никола Младенов бил најприслушуваниот новинар во Македонија.

Официјално, според обвинителството причина за сообраќајната незгода било неадекватното однесување и постапување на возачот кога навлегол кај критичното место, односно кај клучката кај Хиподром, неприспособената брзина и неадекватната траекторија на движење.

Телефонот на Младенов не е пронајден, а како што објавија истражните органи на прес-конференцијата во јули 2013 година, на разговор во обвинителството била повикана и неговата сопруга, но изјавила дека не знаела каде бил вечерта нејзиниот сопруг.

Извадена е листа на појдовни и дојдовни повици кон неговиот телефон, но според базните станици не можело да се утврди каде бил Младенов, бидејќи последната комуникација на неговиот број била околу 16 часот.

Камерите на патарините Скопје-Велес не работеле, а на разговор не се повикани вработените на наплатните рампи, како ни други соработници на Никола Младенов, бидејќи според обвинителката Гордана Гешковска, единствено очевидец на местото на настанот би им дал повеќе податоци за случајот.

Сообраќајката била пријавена во полициска станица во Петровец на 27 март во 12.30 часот кога две лица забележале дека недостига голем дел од металната ограда на местото каде се случи сообраќајката, иако првичните информации беа дека Младенов бил лоциран според неговиот телефон.

Телото на Младенов било најдено надвор од возилото на оддалеченост од седум метри и според вештачењето и трагите најдени на неговата облека излетал од предниот дел на шофершајбната.

Вештите лица утврдиле дека Младенов удрил во металната банкина покрај патот со брзина од 142 км/ч и излетал надвор од коловозот на земјениот пат. Претходно, Основниот суд 1 соопшти дека Младенов се движел со брзина од 160 км/ч, а смртта настапила подари пукање на аортата, иако се отвориле сите воздушни перничиња освен едно кое било кај совозачкото седиште. Обвинителството засега не нашло траги на други лица во автомобилот, како и надвор од него.

На местото на несреќата беше направен уште еден, дополнителен увид по најдените траги од страна на новинари кои на местото најдоа ливчиња од патарини.

Нови детали за сообраќајката не се објавени ниту во текстот „Нема бегање од нова истрага“ што е објавен на денешната насловна страница на неделникот „Фокус“.

Младенов е роден во 1964 година, а во 1980 година започнува да работи како новинар во „Млад борец“. Неделникот „Фокус“ започнува да го издава во 1995 година како прв слободен и независен неделник во Македонија под логото „Неделник на внатрешниот, а, богами, и на надворешниот непријател“.

„Младенов не трпеше да работи нарачани текстови од центрите на моќ, залагајќи се за вистината како клучен елемент на новинарската работа. Во сиве овие 20 години Младенов опстојуваше на своите ставови, наметнувајќи го неделниот весник како медиум кој врз пазарни принципи се бори за својот углед и опстанок. Тој беше човек со идеја, проекција, визија“, велат колегите на Младенов со кој работел.

Една од неговите најпознати изјави е „Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина на безрбетници. И тука - нема компромис“. Неделникот „Фокус“ по тримесечна пауза по неговата смрт, продолжи да излегува во продажба.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О