Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми привремено го забрани емитувањето на реалното шоу „Парови“ на „Happy TV“ поради тоа што емитувањето на тие содржини „ може тешко да наштети на физичкото, менталното или моралното здравје на малолетниците“.
Забраната е донесена на седница закажана по итна постапка. Ќе трае 24 часа и стапува на сила на 3 април во 20 часот. Забраната се однесува и за емитување на интернет. Утврдено е дека со програмата се повредува членот 28 од Законот за електронски медиуми. Се наведува дека одговорноста на „Happy TV“ како национален емитер е голема, а и претходно за истата програма и биле изречени предупредувања за загрозување на малолетници и за елементи на порнографија.
Happy TV е српска телевизија со национална концесија. На состанокот на регулаторното тело учествувал и новинарот Миломир Мариќ. Регулаторното тело потсетило дека не може директно финансиски да ја казни телевизијата но дека се поднесени 14 прекршочни пријави против таа телевизија и дека судот може да изрече максимална казна од 14 милиони динари како на правно лице, и максимална казна од 1.400.000 за одговорното лице.
Регулаторното тело ја поттикнува телевизијата да спроведува внатрешна контрола и потсетува дека ќе продолжи да се грижи содржините да не наштетат на физичкото, моралното и менталното здравје на малолетниците.