Странските компании одвај чекаат да дојдат во Македонија и да ги инвестираат нивните пари во земјата. Најголема грижа им е само дали во европскиот инвестициски Елдорадо ќе има доволно невработени што ќе можат да ги вработат во десетиците, па и стотици фабрики што планираат да ги отворат. Ваков впечаток се добива ако се следат изјавите на домашните политичари, рекламите и информативните програми на провладините телевизии.
Реалноста, пак, е сосема поинаква. Македонија мака мачи да одржи чекор со соседните земји во привлекувањето странски инвестиции. Податоците на Светската банка покажуваат дека во споредба со балканските земји што не се членки на ЕУ(Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора), Македонија постигнува подобри резултати во привлекувањето странски капитал само од Босна и Херцеговина.
Овие шест земји заедно имаат околу 18 милиони жители, односно во Македонија живеат 11 отсто од жителите во регионот, но податоците покажуваат дека само во 2007 година во земјава влегле повеќе од 10 отсто од инвестициите во регионот.
Ако се пресмета нивото на странски инвестиции по жител, се гледа дека Македонија сериозно заостанува под регионалниот просек. Земјава остварува подобри резултати само од Босна и Херцеговина, додека апсолутен рекордер во регионот е Црна Гора.
Дел од економистите спорат дека попрецизна слика за влијанието на странските инвестиции врз една економија се добива ако тие се претстават како процент од БДП-то. Сепак, податоците на Светската банка за нето прилив на странски инвестиции изразени како процент од БДП покажуваат дека Македонија повторно стои полошо од регионалниот просек и остварува подобри резултати само од Босна и Херцеговина, а во некои години и од Србија.
Интересно е да се спомене дека разликата меѓу нето приливот на инвестиции и нето инвестициите во земјата, односно одливот на инвестиции од Македонија во странство е исклучително голем во последните пет години. Во последните пет години, само од Србија годишно излегуваат повеќе инвестиции отколку од Македонија.
Дека привлекувањето странски инвестиции не оди според планираното покажуваат и неостварените ветувања. Во предизборната програма за периодот 2008-2012 година „Преродба во 100 чекори - проширена и надградена“, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ветува од 200 до 750 милиони евра странски инвестиции годишно. Ветувањето е исполнето само во 2008 година, но мора да се земе предвид дека тогаш почна и светската финансиска криза. Потоа, во предизборната програма за периодот 2011-2015, насловена „Манифест за реформи и развој“, владејачката партија најавува меѓу 300 и 555 милиони евра странски инвестиции годишно. Откако се покажа дека тој предизборен есап „не излегува на пазар“, власта ги намали очекувањата. Во најновата изборна програма „Проверено“ на владејачката партија за периодот 2014-2018 година, пак, не се посочуваат конкретни бројки, туку се ветуваат странски инвестиции од 3 до 5 отсто од БДП-то, што е меѓу 240 и 410 милиони евра.
Надлежните, пак, не се согласуваат дека Македонија стои полошо од регионот. Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо вели дека бројките се тие, но оти освен квантитетот, важен е и квалитетот на инвестициите. Во Македонија е технички завршена приватизацијата, така што не може да очекуваме прилив на странски инвестиции по тој основ, немаме море, така што не можеме да се надеваме на странски инвестиции од продажба на недвижности и инвестиции во хотелиерство, и во Македонија, за разлика од регионот, нема преземање на домашни компании од странски, вели тој.
„Нашиот директен фокус е поврзан кон привлекување на гринфилд инвестиции во производствени дејности и ако се направи една анализа колку вакви компании дошле, кои се високо-софистицирани и отвориле работни места со голема додадена вредност, тогаш гледаме дека нашиот главен конкурент во регионот е Србија, но по глава на жител, мислам дека со бројот на креирани работни места во вакви гринфилд инвестиции, дури сме и пред Србија во целиот овој процес. Овие другите земји, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина најчесто, не сакам да кажам секогаш, но најчесто не се директен конкурент за влез на вакви инвестиции“, вели Мизо.