Повеќе од 10 часа траеше преговарачката рунда во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур. Актерите влегоа во зградата околу 17 часот вчера попладне, а ја напуштија денеска рано изутрина околу 4 часот. Иво Вајгл, еден од тројцата европратеници-олеснувачи на дијалогот, кратко прокоментира: „Вредеше, не беше залудно“. Но, детали од разговорите меѓу Никола Груевски и Зоран Заев не соопшти. Без каков било коментар остана и премиерот Груевски, кој во Стразбур беше со бројна партиска екипа во која беа и министрите Зоран Ставрески, Никола Попоски и Никола Тодоров, пратеникот Влатко Ѓорчев, шефот на кабинетот Мартин Протоѓер, но и екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков. Груевски избегна да застане пред камерата на Алсат и да одговори на прашањата.
За содржината на маратонските преговори ништо не открива ниту заедничкото соопштение на европратеничката тројка Кукан-Вајгл-Ховит, во кое се поздравува, како што се наведува, „искрената дискусија околу клучните теми на несогласување“ меѓу Груевски и Заев. Се наведува и дека сите се согласиле дека состаноците треба да продолжат. Извори вклучени во процесот велат дека добар дел од времето вчера било потрошено токму на договор за крајна дискреција на преговорите и непротекување информации кон медиумите, зашто било заклучено дека тоа е предуслов за процесот да даде резултат. Од она што малку протекува од содржината на разговорите, за клучната тема на несогласување, а тоа е барањето на опозицијата за формирање преодна влада, Груевски останал на ставот дека за него такво нешто е неприфатливо и нудел формирање работни групи кои би работеле на неколку критични области. Европските претставници, пак, според изворите на Алсат, се интересирале за можните модалитети на т.н. преодна влада. Европратеникот Ховит во изјава за Алсат вчера рече дека преодната влада не ја исклучува како опција за решение и дека на неа гледа со отворен ум, но рече дека не е на него да зазема страна. Ховит предупреди и дека нерешавањето на кризата носи низа безбедносни и политички ризици за Македонија.
На прашањето на Алсат- М што ако наскоро нема напредо Ховит со одговор:
– Видете, загрижен сум за иднината на земјата, загрижен сум за грижите за враќање кон нестабилност, за притисоци што можат да водат кон тажни и трагични инциденти кои ги видовме во Куманово. Не велам дека има врски меѓу политичката криза и она што таму се случи, но многумина со кои зборував веруваат дека таква врска, праведно или неправедно, постои. Така што, загрижен сум за тоа, загрижен сум дека оваа година ќе има негативна препорака од Европската комисија и едноставно не само што ќе немаме одлука за почеток на пристапни преговори, туку нема да имаме ниту пат што води кон тоа. Тоа би било лошо за земјата, лошо за нејзиниот меѓународен углед, лошо за инвестициите, бизнисот, работните места, просперитетот.
На синоќешната преговарачка рунда било договорено и ЕУ да испрати свој претставник или претставници кои би го олесниле дијалогот и би биле гарант за имплементирање на евентуалниот договор, по примерот на белгискиот експерт Питер ван Хоуте, кој помагаше за воспоставување дијалог. Со сигурност се знае дека следната средба е во Скопје на 26-ти мај, со учество и на лидерите на ДУИ и ДПА, Ахмети и Тачи, а не се исклучува ниту скорешна нова рунда во Брисел или Стразбур.
Извор: Алсат- М