Андријана Алачки нема да одговара за несреќата во која згази пешак

Фолк пејачката и водителка на кулинарска емисија, Андријана Алачки, нема да одговара за сообраќајната несреќа во којашто со својот автомобил „ауди“ прегази седумдесет и четиригoдишен пешак.


Јавниот обвинител ја отфрлил кривичната пријава што ја поднело министерството за внатрешни работи против нејзе бидејќи, како што соопштуваат од Обвинителството, пејачката не била виновна за сообраќајката.

Вештачењето на обвинителството и вештачењето на семејството се разликуваат, па било направено трето дополнително вештачење, кое покажало дека пешакот поминувал надвор од пешачкиот премин и возачот немал можност да ја избегне незгодата.

„Во текот на постапката од страна на одбраната беа доставени две вештачења, согласно кои кај осомничената не постои вина за настанување на незгодата. Со цел правилно утврдување на фактичката состојба, од страна на Основното јавно обвинителство Скопје со наредба е наложено ново вештачење, согласно кое возачот не направил пропусти, а пешакот е тој кој има направено пропусти кои се причинско последично поврзани со настанување на незгодата. Од страна на оштетените – законски застапници на сега починатото лице, доставено беше вештачење кое по наодот и мислењето се разликуваше од другите вештачења. 

Со цел разјаснување на контрадикторностите, а во насока на утврдување на фактите во предметот, надлежниот јавен обвинител издаде уште една наредба за вештачење, по што списите од предметот беа доставени до Бирото за судски вештачења на тим од вешти лица од областа на сообраќајот. 

Согласно вештиот наод и мислење на тимот од вешти лица при Бирото за судски вештачења произлегува дека возачот во конкретната ситуација реагирал соодветно на дадената ситуација. Имено, во околностите кои се создале со неправилното и невнимателно преминување на пешакот преку коловозот надвор од пешачки премин, возачот немал техничка можност да ја избегне незгодата. 

Тимот од вешти лица констатира дека опасната ситуација ја создал пешакот, а возачот немал никаква техничка можност за избегнување на незгодата“ соопштуваат од Обвинителството.

Сообраќајката се случи во октомври минатата година на улицата „Франклин Рузвелт", поточно во близина на крстосницата со улицата „Руѓер Бошковиќ" во скопската населба Карпош.

Андријана Алачки (47) од Скопје со својот автомобил "ауди" со скопски регистарски таблички удрила во скопјанецот Киро Деловски (76).

Деловски од ударот се здобил со тешки телесни повреди, поради што со возило на Брза помош бил пренесен на скопските клиники, каде што и покрај напорите на лекарите, по околу два часа починал.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О