- Бараме МВР веднаш да излезе со официјални и релеванти информации за полициската акција во кумановската Дива населба, особено за бројот на повредените и жртвите, меѓу цивилите и меѓу припадниците на полицијата, доколку ги има, за да се престане со шпекулациите кои се шират низ медиумите и социјалните мрежи. Во ситуација кога американската амбасада изразува сочувство за загинатите и поддршка за ранетите, недозволиво е МВР да пласира само штури информации, се вели во соопштението на Цивил.
Како што велат оттаму, тајмингот на акцијата на МВР и нејзиниот интензитет, во контекст и на квантитетот на пласираните шпекулации, пред акцијата и денес во текот на нејзиното одвивање, отворале многу прашања, пред сѐ, во поглед на длабоката политичка криза, протестите на македонските граѓанки и граѓани ширум земјата, поради полициската бруталност и содржините на објавените опозициски „бомби“, како и пред најавениот голем протестен минтинг на 17-ти мај, на кој ќе се бара оставка на Владата.
- Соседна држава распоредува воени сили на македонската граница, во Куманово се уште се слушаат спорадични пукотници, се шират гласини за бројот на жртви и ранети меѓу цивилите и припадниците на силите за безбедност, се засилуваат стравот и тензиите, а лидерите на владејачката коалиција Никола Груевски и Али Ахмети никаде ги нема?!, се вели во соопштението.
Цивил забележува дека ДУИ испратиле партиско соопштение во кое повикаа на разум.
- Но, таа партија и премногу долго му служи и го заштитува својот коалиционен партнер. Затоа, како најодговорни со нивното (не)дејствување за се што се случува, и лидерот на ДУИ, Ахмети, и особено премиерот Груевски, кој при досегашните вакви и слични контроверзни ситуации обично беше вон Македонија, мора веднаш заедно да излезат пред јавноста и да им објаснат на сите граѓанки и граѓани што се случува во нивната Македонија!, потенцира Цивил- Центарот за слобода.