Градчето Ганџи на Сицилија донело одлука по цена од само едно евро да продава куќи. Откако ја видела таа вест, една жена од Австралија поминала голем пат до Италија за да си купи една. Сепак, не било сè така совршено.
Градчето Ганџи, во кое живеат 7.000 жители, со поглед на вулканот Етна, е сместено на рид на околу 120 километри јужно од Палермо и еден час возење до брегот.
Пред извесно време се појави вест дека градоначалникот толку многу сака да привлече луѓе да дојдат во неговиот град, што е подготвен куќите да ги продаде за едно евро – па дури и бесплатно – само ако сте подготвени тука да се преселите и да ги реновирате.
Во понудата имаше дури 100 куќи, а интересен податок е тоа што, според легендата, токму во ова старо градче се појавил Светиот Дух. Меѓутоа, од 1900 година, околу 9.000 луѓе се отселиле во Аргентина, па поради тоа градоначалникот очајно сака да го зголеми бројот на жители и затоа толку евтино ги продава куќите.
Звучи премногу добро за да биде вистинито? Затоа што така е.
Имено, Тавија Мекнатан поминала неколку илјади километри за да си купи една слатка куќичка на Сицилија. Сепак, кога пристигнала таму, ја дочекало непријатно изненадување – куќата сепак чинела 15 илјади евра, пишува Business Insider.
„Бев таму една недела. Куќите кои се на продажба се во ужасна состојба. Треба да се урнат и да се изградат нови. Исто така, за таксите и даноците треба да се издвојат многу пари“, вели таа.
Инаку, ова место не е популарно поради острите зими, но е преубаво поради мирот и куќичките кои се изградени со дебели камени ѕидови и мали прозорци.