Нуклеарна детонација во Скопје

Политичката судбина на Никола Груевски е запечатена, иако малтретирањето со неговото заминување од власт ќе продолжи. Заев е во право кога вели дека „експлозивната моќ“ на специјалниот извештај на Европската Унија, подготвен од тимот на Рајнхард Прибе, е поголема од 40 бомби на опозицијата заедно. За какви компромиси од страна на опозицијата во договарањето на предвемените избори, после овој извештај, може да стане збор?


Полека, но сигурно, приказната за Македонија под десетгодишната власт на десничарскиот популистички режим на Груевски се заокружува. По објавувањето на извештајот на искусните европски експерти предводени од Рајнхард Прибе, кои со недели во детали ги инспектираа состојбите во клучните области од демократијата и владеењето на правото во земјава, ставен е последниот печат во „пасошот“ на тајфата на Груевски за организирано заминување во историјата. Прибе и неговите колеги ги потврдуваат сите најважни обвинувања кои опозицијата и граѓанскиот сектор во земјава ги кажуваат со месеци, со години наназад: правната држава е, практично, распадната под притисокот на двете партии на власт и криминализираните врхушки кои раководат со нив; состојбите со слободата на медиумите не доликуваат ни на африканските стандарди; тајната полициска служба е претворена во Гестапо – ова се мои, не се зборови на европските експерти – на најголемата партија на власт, а врз нејзината работа нема никаква функционална политичка контрола; аферата со прислушувањето потекнува од МВР, без докази дека е тоа спроведувано за сметка на некоја фантомска „странска служба“; Обвинителството, судството и другите независни од државата контролни институции не функционираат ни приближно добро, за да можат да обезбедат правна сигурност во системот; Собранието е во аут; во земјата, со вакви крупни демократски аномалии, нема услови за фер и демократски избори.

Сега, што правиме?

Со вакви оценки, во нормални јапонски околности, премиерот се самоубива со харакири веднаш по објавувањето на документот, а целиот негов владин кабинет излегува по апостолки (натнати над белите чорапи) на некој плоштад во Токио и, ритуално, јавно се самозапалува.

Не знам зошто, но нешто ми вели дека тоа кај нас нема да се случи…

ВЛАСТА ПАТИ ОД АУТИЗАМ

Европската Унија овој Извештај официјално ќе му го предаде на г. Груевски со пропратно писмо кое најверојатно ќе го започне со зборовите: „Почитуван господине премиер Груевски“…

Токму оваа вообичаена фраза ќе биде доволна за нашата власт и нејзините канта-тропај аутистични медиуми – на кои деновиве забрзано им се делат пераи за да можат да пливаат во барата на сопствената информативна глупост – итно да ја известат македонската јавност дека и со овој специјален извештај ЕУ писмено ѝ порачала на Македонската влада дека, прво, таа е „почитуван“ партнер за Брисел; и дека, второ, го потврдила легитимитетот на Груевски со самото обраќање дека е „премиер“. Потоа ќе следува една полуреченица дека нашата власт превземала обврска со должно внимание да ги разгледа сите забелешки што се спомнати во текстот на извештајот од страна на европските експерти (во таа смисла и Фатмир Бесими може да даде некоја полу-недоветна изјава, како европските забелешки да не се однесуваат и на него, бидејќи он е дојден од некоја друга планета во чија кошаркарска репрезентација игра демократски центар!), по што во десетина пасуси ќе се прејде на информирање на јавноста дека опозицијата мора да се врати во Собранието, но дека предавниците и „соросоидите“ го уценуваат Заев и не му даваат да го стори тоа, бидејќи работат на уништување на татковината! Но, ДПМНЕ и самиот Груевски нема да дозволат татковината да биде уценувана од предавниците, оти на Грујо Македонија му е првото нешто што го изговара секое утро, дури и пред да си ги измие забите!

А потоа ќе најават отворање на уште 17.000 работни места во индустриските зони во текот на наредната недела-две и вработување во државната администрација на нови 4.756 административци, кои нема да мора да доаѓаат на работа во наредните десет години.

НЕПОДНОСЛИВА ЕВРОПСКА ЉУБЕЗНОСТ

Сепак, се поставува прашање зошто, покрај шестокатницата во која со години е вселена бројната европска делегација во Скопје, на Брисел му требаше специјален тим од експерти, предводени од Прибе, за да го констатираат она што одамна се гледа и со голо око? Нели им е барем малку срам на сегашниот европски амбасадор Аиво Орав и неговиот тим од соработници што нашава земја, во нивниот мандат, потона толку длабоко во разнебитување на демократијата, што секој нормален мора да се запраша дали луѓево од Европската делегација се слепи при очи, дали се тотално мрзеливи, можеби глупави или целосно корумпирани, за вака флагрантно да соучествуваат во упропастувањето на Македонија? Не е ли паметно идната македонска власт љубезно да го замоли г. Орав да ја напушти земјата, за на негово место да дојде некој кој подобро ќе ја следи нејзината работа и ќе ни помогне, наместо да ни одмага, побрзо да се интегрираме во Унијата?

Но, работата и сега не е завршена. Трогателна е тековната упорност на европските бирократи од Брисел и во Скопје од Груевски да направат демократ! (Тоа ми личи, како што своевремено се расправав со еден американски амбасадор, на повеќегодишната американска инвестиција во ДУИ, со нивните интервенции во власта, тие – замислете! – да биле демократскиот коректив во Владата на Груевски!?) Голем е тој напор и таа верба дека со неколку преговарања и еден-два експертски извештаи, на нашиот локален деспот наеднаш ќе му „светне“, ќе се покае за сите милион злоупотреби и криминали направени во последниве дваесетина години – да, да, дваесетина, бидејќи не треба да се заборави неговата „командна“ улога во Министерството за финансии за време на никогаш проверените стотици милиони германски марки потрошени за украинската муниција и вооружувањето во кризната 2001 година, што мислам дека е криминалниот зародиш на современава мафијашка фамилија која ни владее со земјава – и дека, така демократски препороден, Груевски е подобен да организира и спроведе уште едни избори во земјава на кои резултатите ќе бидат израз на волјата на сите овдешни гласачи.

Пази, мајката! Ќе остане само уште името на Скопје да го смениме во Конго Киншаса и среќно да си живееме во смрдеата на сопствените да-не-кажам-што. А може да прошетаме и до кампот на бегалците во Гази Баба и да си фатиме вошки, шуга и лепра, пред колективно да заминеме за Немачка.

ВЛАСТА СЕ РАСПАЃА

Сепак, што и да се „домунѓаваат“ Европејците и Груевски понатаму, овој европски извештај е важен клинец во сандакот на македонската деспотија со кој тиранијата, порано или подоцна, ќе ја испратиме на нејзиното вечно почивалиште. Сега е појасно и зошто Груевски, уште од 2006 година, всушност, не беше искрено заинтересиран за македонско интегрирање во Европската Унија. Имено, без разлика на грчкото вето, процесот низ кој Унијата бара увид во начинот на владеење на земјата-кандидат во сите области од функционирањето на државата (каква што е инспекцијата од овој извештај, на пример, но не и претходното комотно и соучесничко однесување на европските дипломати во Скопје) значеше дека Груевски немаше да биде во можност да ја заврши големата прераспределба на општественото богатство во корист на релативно тесниот круг луѓе од и околу владејачката фамилија. Тој немаше да може на еден крајно коруптивен и расипан начин да ја уништи каква-таквата институционална поставеност на државата, вон партиската милитантна организациска структура на ДПМНЕ. Од слични причини, за да не им се меша во управувањето со народните пари, Груевски и Ставревски го истераа и ММФ од државава, со предвремена исплата на сите недостасани обврски на Македонија кон Фондот. Така, наместо колективно да напредуваме во подобра иднина, се пљачкосуваше имотот на земјата, се фалсификуваше изборната волја на граѓаните, се уништуваа политичките противници и неистомисленици. Плативме висока сметка до сега, а крајот на проблемите и кога ќе го снема Грујо од политичката сцена, не се ни догледува.

Од друга страна, сега е појасно и каква грешка ќе направеше Заев минатата недела да подлегнеше на притисоците во Брисел за Груевски да остане на чело на државата на три месеци до пред изборите. Оваа недела дури и на Хан тој минатонеделен предлог мора да му звучи како некое дамно минато. Стратегијата на Груевски за останување на власт од недела во недела се дораспаѓа. Прислушувањата ја разобличија власта, паднаа оставки на најблиските соработници на Груевски, предвремени избори ќе има, угледот на власта е разнебитен и дома и во странство, а судскиот процес за „Пуч“ е без никаква реална правна тежина и со слична правна перспектива; таму, напротив, допрва ќе следи отворањето на правната постапка против врвовите на актуелната власт, против оние кои навистина прислушувале, тоа го организирале или за потребите на разни криминали ги користеле нелегално стекнатите податоци од сферата на приватниот живот на над 20.000 македонски граѓани. Со извесна носталгија денес ги памтиме мики-маус прес-конференциите на Груевски од почетокот на годината на кои тој најавуваше спектакуларни правни последици за Заев и за опозиционерите… Од сето тоа е останата само празната закана на еден аздисан деспот на кого деновите во политиката му се изброени.

Крајно време е ДПМНЕ сериозно да се преиспита, во очи на вонредните избори идната година, каде оди партијата со фамилијата на нејзиното чело? Ерата на Груевски во ДПМНЕ е завршена. Во наредните истраги што ќе се водат за тешките криминали делумно сторени и во нејзино име, партијата ќе мора целосно да соработува, за да не доживее во 21-от век нејзиното политичко делување да биде забрането заради чисто криминални причини.

Сашо Ордановски

Колумната е објавена во Слободен печат

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О