Копилотот на авионот "German Wings" го наместил автоматскиот пилот на понирање на висина од 30 метри, а потоа неколку пати ја зголемил брзината додека не го урнал леталото во планина.
Податоците од втората црна кутија од авионот на германската компанија "German Wings" во чиј пад на француските Алпи на 24-ти март загинале 150 патници и членови на екипажот, потврдуваат дека копилотот Андреас Лубиц намерно го урнал авионот, велат француските експерти.
"Првото читање на податоците укажува на тоа дека пилотот во кокпитот го поставил автопилотот на понирање до висина од 30 метри. Потоа неколку пати ја зголемувал брзината на авионот", официјално соопштиле француските експерти од "BEA", пренесува AFP.
Втората црна кутија, која бележи технички податоци за летот, била пронајдена вчера на местото на падот на авионот.
Првата, која ги снима разговорите во кокпитот, била пронајдена на самиот ден на несреќата и нејзината анализа открила дека во моментот на драмата, копилотот бил сам во пилотската кабина, и дека според истрагата, намерно го урнал авионот.
Авионот се урнал при брзина од 700 километри на час.
Германските истражувачи велат дека Лубиц имал психички проблеми и дека неколку дена пред несреќата, на интернет пребарувал методи на самоубиство.
Се појавиле и информации дека "Lufthansa" наводно знаела дека Лубиц пател од тешка депресија.