Моите 25 години како проститутка: Силувана, стрелана, прободена

Бренда Маерс-Пауел била сé уште дете кога почнала да се бави со проституција во 70-тите. Во оваа сторија, таа раскажува како била завлечена да работи на улиците и зошто 3 децении подоцна, го посветила својот живот да се осигура дека други девојки нема да паднат во истата стапица.

„Уште од самиот почеток животот ’ми даваше лимони’, но се трудев да ја направам најдобрата лимонада што можам.


Пораснав во 60-тите во западната страна на Чикаго. Мајка ми починала кога сум имала само 6 месеци. Имала само 16 години, и никогаш не дознав од што умрела. Мојата баба, која пиеше повеќе од било кого, не можеше да ми каже. Официјалното објаснување беше дека починала од ’природна смрт’.

Не верувам во тоа. Кој умира на 16 години од природна смрт? Сакам да мислам дека Господ бил подготвен за неа. Слушав приказни дека била прекрасна и дека имала одлична смисла за хумор. Знам дека тоа е точно, бидејќи и јас ја носам таа карактеристика.



Баба ми беше таа која се грижеше за мене. Таа не беше лоша личност. Всушност, имаше една страна од неа која беше навистина прекрасна. Ми читаше, ми печеше пити и ги готвеше најдобрите слатки компири. Само што го имаше проблемот со пиењето. Си ги носеше другарите од баровите, и откако ќе се опијанеше премногу и ќе се онесвестеше, овие мажи мене ме злоставуваа. Започна кога имав 4 или 5 години, и се случуваше многу често. Сигурна сум дека баба ми не знаеше ништо за тоа.

Работеше како домаќинка во предградието. Ѝ требаа два часа да оди на работа, и уште два да се врати дома. Затоа јас бев слободно дете. Носев клуч околу вратот и сама одев и се враќав од градинка. Моите силувачи го знаеја тоа, и го искористија.

Ги гледав жените со гламурозни фризури и светликави фустани кои стоеја на улицата пред нашата куќа. Немав поим што прават, само мислев дека беа убаво облечени. Како мало девојче, сé што сакав е да бидам убава.


Еден ден ја прашав баба ми што преват тие жени пред нашата куќа и таа ми рече дека си ги соблекуваат гаќите и мажите им даваат пари. И се сеќавам дека си помислив, веројатно и јас ќе го правам тоа бидејќи мажите секако веќе ми ги соблекуваа гаќите.

Кога се навраќам на тоа, се справував со тоа неверојатно добро. Сама во таа куќа, имав замислени пријатели кои ми правеа друштво, и со нив играв и пеев. Мислам дека тоа ми помогна да се носам со работите. Бев прилично дружељубива девојка, и се смеев многу.

Во истото време, бев многу исплашена. Секогаш исплашена. Не знаев што се случува, и дали е моја вина или не. Мислев дека можеби нешто не е во ред со мене. Иако бев паметно дете, престанав да одам на училиште. На почетокот на 70-тите, станав девојката која не знае да каже ’не’, сé што требаше да направат мажите беше да се однесуваат добро со мене.

На 14 години веќе имав 2 деца со 2 момчиња од заедницата, две мали девојчиња. Баба ми почна да ми вели дека мора да носам пари за да ги одгледувам овие деца, бидејќи немаше храна во куќата. Немавме ништо.

Така, една вечер, појдов на аголот на една уличка и стоев пред Марк Твен хотелот. Носев фустан од 4 долари, евтини пластични чевли и портокалов кармин кој мислев дека ќе направи да изгледам постара.


Имав 14 години и плачев секогаш. Но, го правев тоа. Не ми се допаѓаше, но петте мажи со кои спиев таа вечер ми кажуваа што да правам. Заработив 400 долари, но не фатив такси за дома таа вечер. Се вратив со воз, и ѝ ги дадов сите пари на баба ми, која не ме праша од каде ми се.

Следниот викенд се вратив на истото место, и се чинеше дека баба ми беше среќна кога носев дома пари.

Но, третиот пат кога се вратив таму, неколку момци ме удрија со пиштол и ме пикнаа во гепекот од нивниот автомобил. Ми пријдоа претходно и ми рекоа дека сум „незастапена“ на улицата. Прво ме однесоа на поле со жито сред ноќ и ме силуваа. Потоа ме одведоа во хотел и ме заклучија во плакарот.

Тоа се нештата што макроата им ги прават на девојките за да им го скршат духот. Ме чуваа таму долго време. Ги молев да ме пуштат бидејќи бев гладна, но ми рекоа дека ќе ме отклучат од плакарот само ако се согласам да работам за нив.

Ме подведуваа околу 6 месеци. Не можев да се вратам дома. Се обидов да побегнам, но ме фатија, и потоа ме тепаа многу. Потоа други мажи тргуваа со мене. Тепањето беше ужасно, но вистинската тортура беше менталната – работите кои ти ги кажуваат се заглавени во тебе и никогаш не те напуштаат.



Макроата се многу добри во измачувањето, и уште подобри во манипулирањето.

Кога луѓето ја опишуваат проституцијата како нешто што е гламурозно, елегантно, како во филмот Pretty Woman, не се ни близу до вистината. Проститутката може да спие со 5 мажи во една ноќ. Во една година, има повеќе од 1.800 мажи со кои имала сексуален однос. Ова не се врски, никој не ми носи цвеќе, верувајте ми. Го користат моето тело како тоалет.

А клиентите се насилни. Имаат пукано во мене 5 пати, и сум била прободена со нож 13 пати. Не знам зошто овие мажи ме напаѓаа, сé што знам е дека општеството направи ним да им биде нормално да го прават тоа. Ги истураа своите гневови и менталните болести на една проститутка, знаејќи дека нема да ги пријавам во полиција, и дека дури и да ги пријавев немаше да ме сфатат сериозно.

Всушност сметам дека сум многу среќна. Знам прекрасни девојки кои беа убиени на улиците.

Откако се занимавав со проституција веќе цели 15 години, почнав да земам дрога. Веќе не можев да издржам трезна.

Бев проститутка 25 години, и сето тоа време не видов излез. Но, на 1 април 1997 година, кога бев речиси 40 години, еден муштерија ме фрли од неговиот автомобил. Мојот фустан се заглави на вратата, и ме влечеше 6 блока по земјата, откинувајќи ја сета кожа од моето лице и од едната страна на моето тело.

Ме сместија во болница во Чикаго. Поради состојбата во која се наоѓав, повикаа полицаец, кој кога ме виде рече: ’Ја знам. Таа е само проститутка. Веројатно прелажала некој маж и му ги зела парите, па си го добила тоа што го заслужува’. И ја слушнав медицинската сестра како се смее со него. Ме исфрлија во чекалната како да не вредам ништо, како да не заслужив медицинска помош иако половина кожа ми беше откината.

И во тој момент, додека чекав да започне следната смена и да најдам доктор кој ќе ми помогне, почнав да размислувам за сé што ми се случи во животот. До тој момент секогаш имав некоја идеја што да правам, каде да одам, како да почнам од почеток. Но одеднаш, ми исчезнаа сите идеи. Се сеќавам дека погледнав нагоре и му реков на Бога, ’Овие луѓе не се грижат за мене. Можеш ли да ми помогнеш?’.

Господ работеше многу брзо. Доктор се погрижи за моите повреди и ме замоли да зборувам со социјалниот работник во болницата. Ме сместија во куќа за социјални случаи, и таму имав сé што ми треба. Не требаше да плаќам за облека, храна, ниту пак нешто да работам. Ми рекоа да седам колку што ми треба дом. Останав 2 години. Лицето ми оздраве, а и срцето. Бренда се врати.



Обично, кога жена престанува да се бави со проституција, не сака да зборува за тоа. Но, јас почнав да работам како волонтер со жени кои се бавеле со проституција порано, и ѝ помогнав на универзитетска професорка со нејзиното истражување за проституцијата. По некое време сфатив дека никој не им помага на овие жени. Затоа во 2008, заедно со Стефани Даниелс-Вилсон, ја започнавме Дримкечер Фондацијата. Водам и неколку клубови за млади девојки со судбина како мојата. Помогнавме на многу луѓе. Освен оваа работа, држам и конференции и придонесувам за академската работа и истражувањата за проституцијата.



Моите ќерки, кои ги изгледа мојата тетка од предградието, пораснаа во прекрасни млади дами. Едната е докторка, а другата адвокат. Јас сум омажена, и го чувам мојот внук. Сега, на 58 години, имам поубав живот од кога и да било.

Затоа, ќе ви кажам – постои живот после сета таа штета, и после сета таа траума. Има живот откако луѓето ќе ви кажат дека не вредите ништо, дека сте безвредни и дека нема да постигнете ништо“.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О