Кандидатот за градоначалник на општина Струга од коалицијата „Заедно за Струга“ Владо Кочоски, денеска го посети струшкото село Подгорци каде ги сослуша барањата и потребите на жителите.
- Во мојата програма е влезено и селото Подгорци, во која инфраструктурните проекти се мој приоритет, бидејки е жално во ваква природа и вакво опкружување, екологијата да биде целосно занемарена, изјави Кочоски.
Меѓу покрупните проекти во ова населено место, рече, ќе биде и подобрувањето на здравствената заштита на населението.
-Ветуваме отворање аптека во рамки на проектот на Министерството за здравство и Владата за организирање здравствена заштита на населението од руралните средини, како и повеќекратно дејствување на мобилни екипи од Здравствениот дом од Струга, истакна Кочоски.
Според него, во изминатиот период воопшто не се водело сметка за инфраструктурните проблеми на жителите од Подгорци. Најави санација на главните патишта што водат до селото, реконструкција и санација на патот Подгорци-Лабуништа и Подгорци-Вевчани, изградба на спортска сала, промена на маркицата за давање дозвола за изградба на џамијата на ридот, како и други верски објекти.
Во Подгорци ќе се подигнува и нивото на меѓуетничкиот соживот со низа нови активности, а постоечката манифестацијата „Гоцеви денови“ ќе прерасне во културна активност од државен ранг, најави кандидатот за градоначалник.