Ѓоковиќ е првиот финалист на УС Опен

Новак Ѓоковиќ е првиот финалист на УС Опен, откако вечерва во фантастична битка што траеше преку четири часа успеа да го скрши отпорот на Станислас Вавринка и да го совлада швајцарскиот ас со 2-6, 7-6, 3-6, 6-3, 6-4. Ова ќе биде четврто финале во низа за Ѓоковиќ во Њујорк, со што Новак успеа да се задржи на првото место на АТП-листата и по завршувањето на овој гранслем турнир, без оглед на тоа каков ќе биде исходот на големото финале.

Вавринка, кој во четвртфиналето го декласираше Енди Мареј, одново одигра фантастичен меч и заслужено имаше предност од 2-1 во сетови. Сепак, Швајцарецот не успеа да го издржи темпото до самиот крај на дуелот, како што одминуваше времето зачестуваа и неговите грешки, а Ѓоковиќ знаеше како да го искористи тоа за да направи пресврт. Особено интересен беше третиот гејм од петтиот сет, што Вавринка го доби на свој сервис по 22 минути борба. Сепак, веќе при следниот сервис-гејм Вавринка му дозволи брејк на Ѓоковиќ, по што Србинот со сигурен сервис успеа да ја задржи предноста до самиот крај и да се радува на големата победа.

Ѓоковиќ сега во големото финале ќе го очекува подобриот од вториот полуфинален меч, во кој силите ќе ги одмерат Рафаел Надал и Ришар Гаске.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О