Пејачката Сузана Спасовска прогласена за непожелна во Грција

И познатата македонска пејачка на народни песни Сузана Спасовска била жртва на грчките власти, кои пред девет дена не ѝ дозволиле да влезе во Грција.

Во своето писмо до медиумите, Спасовска наведува дека грчките цариници на шести септември ја принудиле да потпише документ дека е непожелна личност во Грција. Спасовска, како што објаснува во соопштението, немала никаква намера да престојува во Грција, туку преку нејзината територија да отпатува во Турција, но во намерата била спречена од грчките цариници на преминот Евзони.

Откако ја легитимирале, тие ѝ дале формулар на грчки и на српски јазик за да потпише дека е непожелна личност во Грција. Откако таа одбила да го стори тоа, тие ѝ се заканиле дека нема да ѝ ги вратат патните изјави доколку не го потпише документот. Таа наведува дека освен условувањето и принудата, грчките цариници се однесувале дрско и ѝ се обраќале со висок тон.

Според неа, причина за ваквиот потег на Грците било тоа што таа во јули годинава настапила и пеела на Првиот семакедонски собир што се одржа во Воденско, Егејска Македонија.
„Во мојата досегашна кариера, која трае триесет години, никогаш не ми се случил ваков инцидент од ниту една гранична служба низ светот.

Сакам да упатам сериозна критика до грчките власти политичките проблеми што ги имаат со Македонија да не ги пренесуваат на македонските уметници, музичари и културни работници“, вели Спасовска.
Инаку, досега влез во Грција им беше забранет на неколку македонски новинари, како и на повеќе иселеници од дијаспората што се по потекло од Егејска Македонија.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О