Незадоволство во САД од очекуваната најава на војна во Сирија

Најавата на американскиот претседател Барак Обама дека во вторник ќе се обрати до нацијата во врска со граѓанската војна во Сирија наголемо се толкува како најава на воен напад, по неуспешниот обид да се издејствува согласност за политичко решение на состанокот Г20 во Санкт Петерсбург, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Одвај десет минути по веста дека Обама го планира обраќањето, за кое се очекува дека ќе го има свечениот карактер на обраќање од Овалната соба, која обично се користи за најава на воени напади, пред Белата куќа се појавија првите демонстранти.
- Многу сум разочаран. Ова не е промената за која го гласавме, мислевме дека е човек на мирот, затоа и доби Нобелова награда за мир. Но, сега сака да почне нова војна, кога многу луѓе во Америка страдаат. Уште сме во банкрот од претходните две војни, затоа сме толку длабоко во долг. Имаме 23 милиони Американци без работа, состојбата ни е ужасна. Мислиме дека Господ не ја одобрува оваа војна, штотуку одбележавме 50 години од Маршот на Вашингтон на Мартин Лутер Кинг и оваа одлука не е во согласност ниту со доктор Кинг, кој беше мирољубив човек, изјави Роки Твајман, еден од првите демонстранти кои се појави пред Белата куќа, која беше под засилено полициско обезбедување.
Твајман изјави дека го поддржува претседателот Обама од неговата прва кандидатура во 2008 година, но сега е длабоко разочаран од него.
Во меѓувреме Сенатот ја стави на агендата резолуцијата за одобрување на употребата на сила против Сирија, која неделава беше изгласана во Комисијата за надворешни работи.
Обама смета дека ќе ги добие потребните 60 гласови во Сенатот, но резолуцијата би требало да биде усогласена и со Претставничкиот дом каде отпорот на војната е далеку посилен.
Мнозинство конгресмени од Претставничкиот дом веќе јавно се изјаснија против резолуцијата и се очекува Обама, кој вчера се врати од Русија, уште денеска да почне кампања за придобивање на конгресмените или пак воопшто да се откаже од добивање на согласност од Конгресот и нападот да го започне само со согласност на Сенатот.
Обама во Русија одби директно да каже дали доколку Конгресот не му даде согласност, ќе се откаже од нападот. Но, Тони Блинкен, заменик советник за национална безбедност на Обама, во радио интервју цврсто изјави дека нема напад без конгресна согласност.
Отпорот на граѓаните е видлив пред се при јавните настапи на конгресмените. Влијателниот републикански сенатор Џон Мекејн одржа собири со граѓаните во неговата држава Аризона, каде се соочи со критики од граѓаните, меѓу кои имаше и дојдени со транспаренти против војната.
- Не те пративме во Вашингтон да почнеш војна, туку да ја завршиш војната. Добрата опција е да ги натераме Саудиска Арабија и Иран и да ги натераме да престанат да ги помагаат двете страни во Сирија и тоа може да го сторите со дипломатија и преговори, не со бомби. Не можеме да дозволиме да пролеваме уште сириска крв, изјавија граѓаните спротиставени на војната.
Притиснат да гарантира дека американската копнена армија нема да биде вклучена во крвавата граѓанска војна, Мекејн дури вети дека лично ќе легне на Авенијата Пенсилванија, доколку Обама го изневери ветувањето и резолуцијата од Сенатот ја искористи за да испрати и копнени војници.
Во психолошката војна која се води, повеќе групи наводно поврзани со сирискиот и иранскиот режим вчера упатија сериозни закани до САД, но и до претседателот Обама.
Алиреза Форгани, ирански функционер, се закани со киднапирање на членови на семејствата на членовите на кабинетот на Обама, амбасадорите на САД и водечките армиски команданти и нивно мачење пред камера, слично на мачењето на директорот на ЦИА за Либан Вилијам Кејси од страна на про-иранската група Хезболах во ’80-те години. Форгани се закани и со киднапирање на Саша Обама, една од ќерките на американскиот претседател.
Од друга страна, поддршка за нападот дојде од Медлин Олбрајт, државен секретар на САД во време на војната во Косово, која вели дека САД имаат обврска да реагираат по хемискиот напад во кој беа убиени над 1.400 цивили во близината на Дамаск.
- Опасностите во овој свет само ќе се продлабочат доколку агресорите помислат дека глобалните норми немаат значење и дека можат неказнето да ги прекршуваат. Илузија спротивна на лекциите на историјата е мислењето дека САД можат да се изолираат од опасностите така што ќе стојат на страна и ќе чекаат другите да дејствуваат, порача Олбрајт.
 Во Центарот за американски прогрес во Вашингтон, левичарски тинк-тенк близок до претседателот Обама, вчера свое обраќање имаше амбасадорката на САД во Обединетите нации Саманта Пауер, која рече дека САД вложиле обиди да постигнат решение преку Обединетите нации и во тоа не успеале поради руското противење, при што рече дека американските надежи оти Русија ќе го смени ставот биле наивни.
Пауер додаде дека САД дури се обиделе преку Иран да влијаат врз сирискиот режим да не врши хемиски напади.
- Се надевавме дека присуството на инспекцискиот тим ќе спречи натамошни напади. Или во најмала рака ќе помогне да добиеме докази за ваквите напади со кои би ги убедиле Русија и Иран, кој и самиот беше жртва на монструозни хемиски напади на Садам Хусеин од 1987 до 1988 година, да се откажат од поддршката на еден режим кој со гас ги напаѓа сопствените граѓани, изјави Пауер.
Текстот во Целост е преземен од Денешен Весник

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О