Револтиран од судиските неправди против македонксата
кошаркарска репрезентација на првите два натпревара од Евробаскетот во
Словенија, капитенот Перо Антиќ на синоќешната прес-конференција по
дуелот со Литванија даде своја оценка за делителите на правдата.
- Им честитам на Литванците за победата, но ова што се случува со
судењето е срам и за ФИБА Европа и за првенството. Шпанскиот судија
Артеага ни се закани уште на турнирот во Шпанија дека ќе видиме што ќе
ни направи на ЕП и еве тој заканата ја реализираше тука. Не барам
причина за поразите само кај судиите, но ова е симптоматично, изјави
Антиќ.
Тој додаде дека очекувал пофер судење во однос на средбата со Црна Гора.
- Очекувавме пофер однос, не да ни помагаат, туку да биде фер, еднакво.
Се боревме максимално, успеавме да се вратиме од висока негатива, но не
спречија во налетот. И да било фаул, требаше веднаш да свирнат, не после
пет секунди, рече македонскиот капитен.
За Антиќ ништо не е изгубено и ги повика своите соиграчи да не се откажуваат до крај.
- Инаетот кај нас постои, ако одиграме без осцилации и сконцентрирано од
прва до последна минута, можеме да победиме против Србија.
И селекторот Пипан упати честитки за победата на Литванците, но не остана без коментар за судиските одлуки во спорните моменти.
- На два меча по ред ни се случува материјално кршење на правила на наша
штета. Верувавме во себе, по негативата од 12 разликата дојдовме до
минус три и тогаш ни ја запреа контрата со фаул кој беше досуден после
пет секунди. Вистина е дека Артеага ни се закани во Шпанија. ФИБА мора
да реагира и да им се стави крај на ваквите работи. Имам чувство дека
немаме ист третман како другите што не ми се случило во кариерата, нешто
не е во ред, истакна Пипан.
Осврнувајќи се на играта на неговите избраници, Словенецот ги нагласи
осцилациите кои се појавуваат, но и позитивните работи како одбрана во
последната четвртина.
- По неправдата против Црна Гора, многу ја посакувавме победата, но што е
тука е. Останува да се бориме до крај, а победата денеска на Летонија
ни оди во прилог, така што шансите и натаму ни се отворени. Единствено
ми е навистина криво што целиот напор што го вложија момците летово не
вродува со плод поради неспортски работи, заклучи Алеш Пипан.
Македонија синоќа во 2.коло од Б групата во Јесенице загуби од Литванија со 75:67.