Интегрално ви ја пренесуваме прес конференцијата на Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ
Почитувани,
Анекс договорите за објектот зад нас, познатиот Музеј на ВМРО, се пример за тоа како преку проектот Скопје 2014, на сомнителен начин се испумпуваат милионски суми евра народни пари.
За овој музејски комплекс, основниот договор во вредност од 4,5 милиони евра е надграден и проширен со дополнителна серија на анекс-договори во вредност од неверојатни 10 милиони евра.
Замислете, за музеј во кој главен елемент треба да бидат восочни фигури, тие не биле предвидени во основниот договор, па затоа дополнително било потребно да се потрошат уште 2,5 милиони евра со анекс на договор
Освен што не биле предвидени восочни фигури, не биле предвидени ниту основен проект, сценографски елементи, ентериер, мебел, осветлување, идеен проект.... еден куп непредвидени работи во висина од околу 8,5 милиони евра.
Згора на се, потребни биле уште 1 милион евра за довршување на објектот и уште половина милион евра за „дополнителни непредвидени работи“.
Во еден од овие анекс-договори, тоа е овој, за склучување во постапката без оглас, без меѓународна објава и без електронска аукција, со фирмата „Бетон Штип“, во висина од речиси 1,5 милиони евра како причина стои (цитирам): „не постои доволна конкуренција“!
Вака ВМРО-ДПМНЕ ги спроведува јавните набавки. Кога е во прашање трошењето на милионски суми евра народни пари за ВМРО-ДПМНЕ нема конкуренција!
Господине Груевски, бидејќи јавно кажавте дека стоите зад овој проект одговорете и на јавноста:
Дали потрошените милионски суми евра народни пари за „непредвидени дополнителни трошоци“ завршуваат во џебовите на високите функционери на Вашата партија?