Турскиот државен обвинител Мехмет Селим Кираз, кој беше тешко ранет во полициската акција со којашто беше завршена повеќечасовната заложничка драма во Палатата на правдата во Истанбул, им подлегна на повредите.
„Државниот обвинител Мехмет Сеим Кираз беше тешко ранет кога беше довезен во болницата, го изгубивме и покрај напорите“, соопшти лекарскиот конзилиум во изјава за медиумите.
Заложништвото на државниот обвинител заврши вчера вечерта, откако турските специјалци упаднаа на шестиот кат од Палатата на правдата откако од таму слушнале истрели. Притоа беа убиени двајцата активисти на забранетата турска екстремна левичарска група Револуционерен фронт за народно ослободува (DHKP-C), а притоа обвинителот Кираз беше тешко ранет, изјави шефот на безбедносните служби во Истанбул, Селами Алтинок.
„Сторивме сè што беше можно за да овозможиме предавање на напаѓачите“, нагласи Алтинок и потврди дека полицијата тргнала во акцијата откако од зградата се слушнале истрели.
„Преговорите со терористите траеја шест часа. Нашите сили го започнаа нападот во моментот кога се слушнаа истрели од кабинетот во кој го држеа нашиот обвинител. Двајцата терористи се убиени“, изјави Алтинок за турските медиуми.
Напаѓачите во раните претпладневни часови влегоа во зградата на судот во неговиот кабинет на шестиот кат го земаа како заложник обвинителот Мехемет Селим Кираз. Движењето на социјалните мрежи постави фотографија од маскираните напаѓачи со вперен пиштол во главата на обвинителот, заканувајќи се дека ќе го убијат доколку не бидат исполнети нивните услови.
Обвинителот ја водеше истрагата за смртта на 15-годишниот Беркин Елван, кој почина по 269 денови кома во којашто падна откако го погоди патрон за солзавец во текот на антивладините протести летото 2013 година во истанбулскиот парк Гези, а почина на 11 март 2014 година. Момчето не учествувало во протестите, туку отишло да купи леб.
Киднаперите на власта и дадоа рок до 15:36 часот да ги исполни нивните барања, а тоа беа полициски службеници во живо на телевизија да го признаат убиството на Беркин Елван, да им се суди на виновниците на „народен суд“, а да се донесе ослободителна пресуда за сите уапсени на маршот за солидарност за Елван.