Повеќе од 48 часа по потресот со магнитуда од 7,8 степени кој го погодил Непал, и во кој загинале повеќе од 3.700 луѓе, станува многу јасно колкав е обемот на уништеност.
Додека луѓето во Катманду ги бараат своите сакани и се обидуваат да најдат дом и храна, видеата снимени со помош на дрон најдобро покажуваат колкава штета предизвикал саботниот земјотрес.
Кишор Рана кој објавил едно до видеата снимени од воздух, напишал дека ова е тешко време за Непал, но дека во вакви времиња сите мора да бидат обединети.
Повеќе илјади луѓе загинале, а 6.500 се повредени. Многумина останале без своите домови, а земјата изгубила и културни наследства. Во земјотресот, како што е видливо на снимките, биле уништени бројни историски и културни споменици.
На луѓето во Катманду им недостигаат засолништа, гориво, храна, лекови. Ситуацијата веројатно ќе стане и полоша во местата до кои не може да се дојде поради одроните.
Според пишувањето на Independent, тагата полека се претвора во бес, додека расте стравот од жед, глад и болести.
"Никој од владата не дојде да ни понуди ниту чаша вода", се пожалила една од жртвите на земјотресот.
Околу 30.000 луѓе моментално живеат во 16 импровизирани кампови надвор од Катманду.