Една свадба била сосема поразлична од сите останати. Во улога на невеста се нашле Рафаела, Рошел и Таџијана Бини, идентични тројки од Паса Фунда во Бразил, кои се венчале во ист ден, исто време, во речиси идентични венчаници со иста шминка и иста фризура. Се разликувале само по букетите и секако, младоженците.
Рафаел, Габриел и Едуард кои се ожениле со симпатичните Бразилки, признале дека се плашеле дека ќе ги заменат невестите на венчавката.
Според зборовите на Рафаел, кој се оженил за Рафаела, преголемата сличност на овие три сестри внесувала забуна кај младоженците и пред венчавката.
„Еднаш сите бевме во кујна и се подготвуваше вечера. Рошел, која се омажи за Габриел, беше кај машината за миење садови, а Рафаела кај шпоретот. Зборувавме, а тие во меѓувреме ги промениле местата. Пријдов да ја прегрнам Рафаела и реков ’Упс!’, сфатив дека сум ја погрешил девојката“, раскажал Рафаел.
Сите тројца инсистираат дека на венчавката не се збуниле. „О, да, знаев која е мојата, секако. Знаев веднаш штом влегов во црквата, таа беше најубавата“, рекол Едуардо кој се оженил за Таџијана.
Сестрите признале дека од раѓањето делеле исти интересирања и дека отсекогаш биле многу блиски. Нивните родители, Педро и Салет, имаат уште една ќерка, најстарата Лизел.
Рафаела прва го пронашла сопругот, Рафаел, пред една година на факултет. Една година подоцна Рошел го запознала Габриел.
Кога и најмладата сестра ја официјализирала својата врска, нивните родители предложиле сите три да се венчаат истиот ден. Таткото Педро само се грижел за тоа како сите три ќерки ќе ги одведе до олтарот.
Решението го пронашол, така што прва до олтарот ја одвел најстарата меѓу тројката, Таџијана. На венчавката имало 18 деверуши и девери. Венчавката била одржана во католичка катедрала.
Иако сакале барем шминката и фризурата да им се разликуваат, на крајот сепак одбрале исти. На крајот од венчавката, младоженците само порачале дека планираат наскоро да станат татковци. А ако добијат тројки – ќе бидат пресреќни.