Затворот Супермакс во Колорадо или официјално познат како АДХ Флоренс е наречен „Алкатраз на карпестите планини“ бидејќи претставува еден од најстрогите затвори во светот, пренесува Business Insider.
Всушност, станува збор за еден од најбезбедните затвори во целата земја. Во него секој затвореник минува 23 часа во самица. Создаден е за затвореници кои не покажуваат грижа за човечкиот живот.
Во него има 422 затвореници кои никогаш нема да се сретнат меѓу себе, затоа што контактот меѓу луѓето е сведен на минимум. Во секоја ќелија има мало прозорче за светлина, тоалет, туш и мијалник. Во некои од нив има и телевизори со вградени радија. Затворениците имаат максимум 10 часа неделно за вежбање надвор од ќелиите, во посебна просторија.
Сите оброци се даваат преку отвор на вратата и нема комуникација со други луѓе. Според извештајот на Amnesty, минуваат и по неколку дена без да прозборат со некого.
„Ова место не е дизајнирано за човечност“, изјави Роберт Худ, шеф во затворот од 2002 до 2005 година, за Times.
Овој затвор најчесто е последно престојувалиште на терористите кои САД ги сметаат за најопасни, без разлика дали се од земјата или станува збор за странци.