Колумбијците не успеаа да се пласираат во полуфиналето од Копа Америка. Беа елиминирани од Аргентинците по изведувањето на пеналите, но доколку на голот го немаа расположениот Давид Оспина, Гаучосите и порано ќе се пласираа меѓу четирите најдобри.
Давид Оспина брилираше на голот на Колумбија, а запаметена ќе остане неговата двојна одбрана во првото полувреме кога најпрвин го одбрани ударот на Агуеро од непосредна близина, а веднаш потоа со неверојатна реакција го одбрани ударот со глава на Лионел Меси.
„Кога го видов долу на тревата бев уверен дека нема да успее да стане на време, но кога видов како станува и го брани мојот удар... посакав да умрам“, изјави Лионел Меси по натпреварот.
Во текот на целиот натпревар голманот на Арсенал ја држеше репрезентацијата на Колумбија во живот, а во 82-ра минута повторно ги фрли во очај Аргентинците со нова маестрална одбрана. Оспина успеа да ја одбрани топката која потоа удри во стативата зад неговиот грб и „прошета“ покрај гол-линијата. |