Жена по име Ени Лоберт пораснала во дисфункционално семејство. Кога станала тинејџерка, ѝ се предала на проституцијата сакајќи да заработи пари, да стане независна и да живее нормален живот. Тогаш за неа започнал пеколот.
Секојдневно била силувана повеќе пати и се состанувала со мажи кои можеле да ѝ прават сè што ќе посакале за малку пари. За полесно да ги поднесе сите ужаси кои ги преживувала, Ени почнала да користи наркотици.
Кокаинот станал нејзин секојдневен „оброк“, сè додека еден ден не се распаднала во себе. Почнала да се прашува што прави од својот живот, зошто не постои ниеден момент со кој би се пофалила, пред очите го видела сопствениот погреб, наместо светло на крајот од тунелот.
Го сонувала семејството кое на погребот рекло: „Таа беше само проститутка навлечена на дрога“. Го молела Бог да ѝ го покаже патот, да ѝ помогне, велела дека не сака да умре, особено не на тој начин.
Повикала итна помош, која ја пронашла расплакана, преплашена и надвор од себе поради сите тие мисли. Техничарката ја фатила за рака и ја прашала што се случува, а таа конечно некому му ја признала својата вистина: „Јас сум проститутка и зависна сум од дрога. Не знам што да правам“.
Ја одвеле во болница, каде што ја примил лекар на кој ќе му биде благодарна до крајот на животот.
„Штом ме здогледа и слушна за што станува збор, ми рече дека имам среќа што сум уште жива. Ми рече дека во мојот организам има толку дрога, што досега би требало да бидам мртва“, раскажала Ени низ солзи во снимката која ја објавила на ЈуТјуб, за што повеќе луѓе да ја слушнат нејзината приказна.
Но, реченицата од докторот која останала врежана во мислите на Ени е: „Мора самиот Бог да те чувал”.
Тогаш сфатила дека Бог ги слушнал нејзините молитви и убедена е дека тој постои и секојдневно прави чуда, како што тоа го направил и за неа.
Денес, Ени уште се опоравува од страшниот живот кој го водела, а нејзината мисија е да ги спаси и другите девојки кои, како и таа некогаш, се свртеле кон проституцијата. „Ако знаев дека Бог толку ме сака, како што знам денес, никогаш не би го правела тоа што го правев. Но, поради едно нешто ми е мило што сè испадна вака – сега можам да им помогнам на луѓето на кои им е потребна помош“, заклучува Ени.