Метју Џејмс бил застрелан со три куршуми кога се поставил како жив штит пред неговата свршеница Сара Вилсон за да ја заштити од неочекуваниот напад на плажата во Тунис каде што летувале.
30-годишниот Метју бил застрелан во рамо, градите и коленото, а во разговорот за „Mirror" во болницата каде што тој закрепнува, 26-годишната Сара рекла: „Прими куршум наместо мене. Му го должам животот... веднаш се фрли пред мене кога слушнавме пукање“.
„Кога го застрелаа ми викаше да бегам. Ми рече дека ме сака и да бегам. Ми рече ’Кажи им на нашите деца дека ги сакам’“, раскажала Сара.
„Тоа беше најхраброто нешто кое сум го видела во животот. Морав да го оставам под лежалка затоа што пукотицните непрекинато се слушаа“, раскажала таа и се присетила на патот кон хотелот каде што видела ранети и крвави луѓе.
„Не можам доволно да му се заблагодарам на Бог што преживеа Метју затоа што толку луѓе загинаа“, вели Сара.
Сара и Метју се од Велс, а своите деца ги оставиле дома со бабата и дедото. Сара вели дека не можеле ниту да претпостават што ќе им се случи тој ден.
„Лежевме на лежалки и уживавме кога наеднаш слушнавме страшни звуци. Буката се рашири и одеднаш видовме човек кој пукаше секаде наоколу. Тешко ми е да се сетам баш на секој детал“, вели таа.
„Сега е важно тој да се опорави од куршумите и срцевиот удар кој го преживеа и што побрзо да си одиме оттука“, вели таа.
„Планираме свадба во 2017 година и ќе бидеме најсреќниот пар на светот затоа што преживеавме нешто што многу парови нема никогаш да го искусат во животот“, заклучила таа.