Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, најавија реализација на повеќе проекти во населбите Хром и Ѓорче Петров.
Како што најави премиерот Груевски, се работи за изградба на ново основно училиште во населбата Хром, кое ќе биде на местото на Дирекција за заштита и спасување, каде овој простор досега се користеше за обука.
Дирекцијата ќе биде преместена во некоја од касарните, а на ова место веќе се направени две паралелки во кои децата од 1 септември ќе можат да учат во ова училиште.
Ова училиште ќе биде подрачна единица на училиштето „Димитар Поп-Георгиев Беровски“.
Досега децата од населбата Хром учеа во основното училиште во Влае „Димо Хаџи Димов“, но градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, не им дозволува на децата од населба Хром да одат во тоа училиште.
-Луѓето што живеат во овој дел на општината Ѓорче Петров имаа проблем, бидејќи од другата страна е општина Карпош, а градоначалникот на таа општина се спротивставува на запишување на деца во тоа училиште, изјави Груевски.
Тој додаде дека досега децата од оваа населба во училиште оделе со автобус, а тоа го финансирала општината Ѓорче Петров.
-Дирекција за заштита и спасување е во близина на градинка и станбени згради и при обука може да дојде до некои несакани последици, како пожар и слично, рече Груевски.
Премиерот Никола Груевски најави и изградба на нова градинка во населбата Дексион и дислокација на пожарната и полициската станица. Како што најави тој, пожарната и полициската станица ќе бидат срушени и ќе добијат нова локација, а на нивно место ќе биде изграден паркинг простор и фонтана пред црквата Свети Петар и Павле.
-Планирано е постојната руинирана барака во која се наоѓаат пожарната и полициската станица да се сруши и да се направи паркинг кој е многу потребен за околните згради. Полицијата и пожарната ќе добијат цврста градба која ќе ја гради МВР, додаде Груевски.
Премиерот Груевски и кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, најавија и изградба на ново средно училиште на местото на гимназијата.
-Градоначалникот и Министерството за образование планираат на местото на местото на гимназијата која сега е стара и руинирана барака да се изгради ново модерно училиште, изјави Груевски.
Кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски рече дека изградбата на ова ушилиште е едно од неговите предизборни ветувања.
-Граѓаните од оваа општина добија училиште и децата од први септември ќе можат да учат во ова училиште, рече Митровски и додаде дека беше потребна дислокација на оваа Дирекција поради тоа што вежбите се изведуваат со запаливи средства.
Во врска со дислокацијата на полициската станица, Митровски рече дека ова барање на граѓаните на оваа општина е многу старо уште пред тој да биде градоначалник.
-Со дислокација на полицијата и пожарната ќе се ослободи дворот во црквата Св, Петар и Павле и на тој простор ќе се изгради фонтана. Исто така, на ова место ќе се ослободи простор за изградба на нова траса на булеварот Македонска војска, изјави Митровски.