Одлуката на Европската фудбалска унија (УЕФА) да му ја ублажи казната на Златан Ибрахимовиќ, разбирливо не ги израдува претставниците на Барселона.

Напаѓачот на Пари Сен Жермен, а некогашен голгетер на Барселона, доби намалување на суспензијата од два на еден натпревар неиграње. Во пресрет на четвртфиналето од Лигата на шампионите меѓу парискиот и каталонскиот табор, се огласи спортскиот директор на „блауграна“, Андони Зубизарета.
„Ваквата одлука е преседан. Претпоставувам дека истиот критериум ќе го применуваат и во некои идни случаи“, изјави Зубизарета, кој сепак не пропушти да го пофали шведскиот фудбалски интернационалец.
„Тој е голем фудбалер, постигнува голови, исклучително е брз и одличен техничар. Парижаните со него дефинитивно станаа подобар тим“, заклучи Зубизарета.
Тој исто така потврди дека на клупата во пресметката од фазата најдобри осум во шампионската лига ќе седи Тито Виланова.
„Бевме во тешка ситуација, меѓутоа сега Тито е со нас и тоа е добар знак“, самоуверен е спортскиот директор на Барселона.
Да потсетме, Ибрахимовиќ првобитно беше казнет поради исклучувањето во осминафиналниот меч против Валенсија, меѓутоа наместо два, паузираше само еден дуел. Ова значи дека вечер ќе истрча на „Паркот на принцовите“ и ќе им ја закомпликува мисијата на Каталонците.