На Фудбалската асоцијација на Англија и се заканува казна поради расистичките испади на навивачите на „Гордиот Албион“, ни помалку ни повеќе, кон дел од своите репрезентативци.
Имено, англсиките навивачи кои патувале со својата национална селекција на гостувањата во Сан Марино и во Црна Гора, систематски ги навредувале браќата Фердинанд на расна основа, како резултат на што тимот на Рој Хоџсон веројатно ќе игра некој натпревар без публика.
Со ова, Англиската куќа на фудбалот би можела да „настрада“ од „оружјето“ кое последниве неколку години неретко го употребуваше, пред се против репрезентациите од југот и од истокот на Стариот континент.
Инаку, проблемите со Рио Фердинанд почнаа откако дефанзивецот на Манчестер Јунајтед соопшти дека и покрај поканата за враќање во националниот тим, нема да може да настапи поради веќе закажан „третман“.
По ова фудбалерот отпатува за Катар, каде што беше стручен коментатор за телевизијата Ал Џезеира токму за мечевите на неговата репрезентација. Дел од весниците го искористија ова за општ напад врз него, а како и секогаш најекстремните навивачи го завршија преостанатиот дел од работата.
Сепак, доколку навредите се здржеа само на Рио, можеби некој и ќе ја „проголташе“ теоријата дека навивачите му се лутат затоа што го оставил на цедило националниот табор. Меѓутоа, навредуван беше и брат му Антон, кој не предизвика никаков проблем, а минатата сезона и самиот беше жртва на расистички испад кој Џон Тери го чинеше суспензија.
Како резултат на ова, ФИФА одлучи да почне постапка врз основа на пријавата која што стигнала од антирасистичката организација „ФАРЕ“.
„Да не избрзуваме со заклучоците, веројатно се работи за мала група навивачи, кои всушност не се тоа. Да ја причекаме истрагата на ФИФА“, напишал Рио Фердинанд на својот „твитер“ профил.
Следниот дуел на Англичаните во квалификациите за бразилскиот Мундијал идната година е закажан за 6-ти септември, против репрезентацијата на Молдавија.