Вистинската приказна за играчките: Некому носат радост, некому му го загрозуваат животот

Повеќе од 75% од сите играчки во светот се произведуваат во Кина, но зад ниските цени на производите кои доаѓаат од Истокот, се крие приказната за суровите услови во кои што истите настануваат.
Имено, армија од 3.5 милиони кинески работници работат по 36.5 часа неделно во повеќе од 8.000 фабрики за играчки ширум Кина, а германскиот фотограф Мајкл Волф преку објективот на својот фотоапарат забележал како изгледа еден нивен работен ден.


Според еден извештај од 2010 година, просечната месечна плата, вклучувајќи ги и доплатите за прекувремена работа, изнесува 170 евра, а непрофитна организација задолжена за процена на работата во фабриките, соопштила дека во последните неколку години, иако е забележано подобрување на условите за работа, "таму некаде" се уште постои малтретирањето и злоупотребата на работниците.


Според извештајот од 2009 година, околу милион кинески фабрички работници доживеале некој вид на повреда на работното место само во текот на таа година, а по повод истрагата која што била спроведена од страна на Националниот работнички комитет, задолжен за заштита на човековите права на работниците ширум светот, германскиот фотограф Мајкл Волф одлучил преку фотографии да ги прикаже условите за работа на вработените во пет кинески фабрики.

Тој додал дека најкритична состојба забележал во фабриката за играчки "Systems" во кинескиот град Донган.


На фотографиите кои што тој ги направил во фабриките можат да се видат изморените лица на работниците кои што работат и во смена до 15 часа, во фабрички простории во кои што температурата достигнува и до 30 степени Целзиусови.

Тие признале дека својата пауза од десет минути ја користат за да одморат на картонските кутии скриени под нивните работни маси, каде што потоа ги очекува довршувањето на фигурите на Мики Маус и Сунѓерот Боб.


За плата од само 25 денари на час, поголемиот дел од работниците се жени на возраст од 18 до 25 години и тие работат од 7.45 часот наутро до 10.55 навечер, шест или седум дена во неделата. Она што е уште пошокантно е податокот дека тие работат заедно со уште 1.000 други работници во фабрички хали со големина од максимум 1.000 квадратни метри.

Строгите работни услови не им дозволуваат на вработените да разговараат додека работат, ниту пак да слушаат музика, а како храна добиваат мали порции во фабричките кантини. Во текот на смените тие немаат право да одат во тоалетот, а доколку прекршат некое од овие правила, казната е обемното рибање на валканите тоалети.


Исто така, во текот на работната недела вработените не смеат да заминат во своите домови, па затоа спијат во импровизираните фабрички спални каде што во една соба се сместени и повеќе од 14 лица.


При вработувањето, секој работник мора сам да си купи душек и постелнина, а доколку не го направи тоа, ќе спие на под врз картонски кутии. Овие жени ја одржуваат личната хигиена со помош на кофи и сунѓери, пред се затоа што туш кабини и бањи во нивните фабрики не постојат.


Својата колекција од фотографии Мајкл Волф ја нарекол "The Real Toy Story" или "Вистинската приказна за играчките", а за истата Волф вели дека е слика за тоа "колку всушност е огромно кинеското масовно производство, но и гладот на Западот за бескрајната количина на производи за еднократна употреба".


Тој ја истакнал и својата надеж дека "погледот кон суровите услови на работниците ќе ги натера луѓето да ја сфатат реалноста на трговската размена во светот на потрошувачката глобализација".

Волф воедно одлучил и својата колекција на фотографии да ја изложи на посебен начин, па своите дела уметникот ги опкружил со 16.000 парчиња половни играчки кои што ги купил во продавниците и на пазарите ширум Калифорнија, па така, околу фотографијата од измачената вработена жена, прикачени се и голем број на веќе "изиграни" детски играчки.














ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О