Ниту еден клас во скопската гимназија „Орце Николов“ денеска не одржа час.
Средношколците од ова училиште за НОВА велат дека ги радикализираат протестите, бидејќи надлежните ги игнорираа двата масовни средношколски маршеви против лошите образовни политики и велат дека нема да престанат со бојкотот на наставата сè дури не го привлечат вниманието на ресорното министерство.
-Бојкотот е поради тоа што министерството за образование и наука скоро две недели ги игнорира нашите барања кои ги поднесовме за новиот концепт на полагање државна матура. Поради тоа што две недели не нè примаат на преговори, ние одлучивме да преземеме радикални мерки. Бојкотот ќе тече сè додека МОН не нè повика на преговори, изјави за НОВА средношколецот Јован Спасеновски, член на Студентскиот пленум.
Иако формално наставата не се одржува, учениците денеска беа присутни во училиштето и во двете смени, а денот го пополнија со слободни активности.
Тие од понеделник очекуваат на истиот чекор да се одлучат и останатите скопски гимназии.
-Ние сме во процес каде што молиме за средба со министерот и со заменикот министер за образование... не се слуша гласот на мнозинството на средношколците, ние не сакаме да се адресира само една точка од поголем проблем, туку сакаме да се смени новиот концепт на државна матура која е убрзана реформа, како и да се смени екстерното полагање кое не е квалитетна реформа и соодветно имплементирана, рече средношколецот Огнен Хаџиски.
Учениците од гимназијата „Орце Николов“ се први кои одлучија да ги радикализираат активностите против, како што тие велат лошите образовни политики. Засега во повеќе градови во Макеоднија средношколците револтот го искажуваат преку маршеви.
Средношколскиот пленум соопшти дека ќе инсистира на средба со министерот Абдулаќим Адеми, бидејќи сметаат дека негова должност е да ги ислуша.
Од барањата на средношколците, ресорното министерство досега одобри само предметот математика да не биде задолжителен за сите матуранти. Според најновите измени, овој предмет задолжително на државна матура ќе го полагаат само гимназијалците кои ќе ја одберат математичката насока.
Ваквата одлука МОН ја донесе во преговори со Унијата на средношколци, организација која според деловниот статус се смета за неактивна , а се појави со свои претставници веднаш по првиот средношколски марш.