ЧУДО ВО ОХРИД: Бесплатни лежалки и евтино кафе (ФОТО)

Туристите на шега ќе кажат „им дошло памет на охриѓани“, но изгледа навистина е така



Сакале да признаеме или пак не, цените во Охрид оваа година се навистина достапни за сечиј џеб. Туристите на шега ќе кажат „им дошло памет на охриѓани“, но по се изгледа навистина е така.

Токму високите цени ги „избркаа“ домашните туристи изминативе години од македонскиот бисер, но охриѓани се надеваат дека со ниските цени охридската ривиера повторно ќе биде преполна со капачи од земјава, но и од странство.



- Се надеваме дека пониските цени ќе ни ги вратат домашните туристи кои во минатите години беа најмногубројни и кога летната сезона траеше два месеци, наместо сегашните две недели. Во речиси сите локали цените се пристојни и секој би можел да си дозволи да седне некаде да нарача за јадење или пиење – вели еден познат охридски угостител.

Пристојни и реални цени има на повеќе од плажи и во рестораните, некаде дури може да начекате цени кои буквално ќе ве „шокираат“, бидејќи речиси сите од нас Охрид го паметиме како навистина доста скапо туристичко место.



На поголем број од плажите за големо кафе макијато ќе платите 60 денари, а исто толку и за вода, за која сме биле сведоци дека пред неколку години се продаваше и по 100 денари за мало шише.

Викендов дури на некои од плажите посетителите можеа да уживаат покрај езерото на бесплатни лежалки што беше вистинска реткост за изминатите години, со оглед дека само за лежалка се наплатуваше дури и по 300 денари од човек.



- Овој пат мораме да бидеме искрени, цените во Охрид се навистина пониски од тие пред неколку години, нормално некаде повторно ќе налетате и на скапи ресторани и плажи, но мислам дека тие се реткост. Единствено нешто што сметам дека е скапо, е приватното сместување. Премногу е 20 евра за апартман, па макар бил и луксузно наместен. Да не заборавиме дека на море чини толку, па дури и поевтино – вели Никола од Скопје кој во Охрид викендов е дојден со своето семејство.

Ова лето охриѓани се особено задоволни од странските туристи кои ги има во огромен број. Хотелите се речиси до крај исполнети со туристи од Холандија, Германија, Јапонија, но има и туристи и од Полска, Русија и други земји.



Странците кои прв пат се дојдени во Охрид се воодушевени од убавината на нашиот бисер. Велат дека особено се изненадени од љубезноста на нашиот народ и дека и следната година би сакале повторно да дојдат тука.

- Немаме зборови, воздухот, климата, езерото – преубаво е. Тука сме со за прв пат, а дојдовме по препорака на едни наши роднини кои беа тука пред две години. Искрено ќе размислам дали повторно ќе одиме на море следната година. Јас секоја година би доаѓал тука. Исто така и цените се доста ниски, а храната е нешто посебно – вели Михаел од Дортмунд кој во Охрид е дојден со својата сопруга и двете нивни малолетни деца.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О