Попоски: Македонија своевиден гуру на трпеливоста, ЕУ да остане доследна на правилата


Перспективата на Балканот во голема мера зависи од силна Европа, која е подготвена и во состојба да шири просперитет, а балканските земји мора не само до зборуваат европски туку и да дејствуваат европски, спроведувајќи вистински реформи особено во владеење на правото. Македонија, пак, на својот пат кон ЕУ е „гуру на трпеливоста“.

poposki
Ова го истакна министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, во своето обраќање на панелот на тема „Ре-енергизација на проширувањето на ЕУ во Западниот Балкан“ на годинешната безбедносна Конференција Глобсец, што од 18 до 20 април, се одржува во Братислава, Словачка. 
По обраќањето на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој истакна дека Европската комисија ги подготвува земјите кандидати за ЕУ на иднината, а не на минатото, министерот Попоски, во воведното обраќање, истакна дека Република Македонија претставува своевидно гуру на трпеливоста, како и дека и земјите членки на ЕУ треба да останат доследни на почитувањето на правилата на кои се основа клубот.
- Носиме и спроведуваме суштински реформи. Од голема помош ни е дијалогот што го водиме со Европската комисија. Имаме одговорност тоа да продолжиме да го правиме. Секако, очекуваме подеднакво ниво на одговорност и посветеност и од земјите членки. Проширувањето треба да создава динамика и просперитет, не фрустрации и пасивност. Корисно е секогаш да се присетиме што имале на ум основачите на унијата, истакна министерот. 
Според шефот на македонската дипломатија, перспективите се сосема различни во зависност од тоа каде се наоѓате, притоа, вели, потребно е да се најде соодветната рамнотежа.
- Во политиките на ЕУ треба да им се придаде поголема важност на мерките со кои се поддржуваат растот, подобрувањето на инфраструктурата, зголемувањето на економските можности и подобрување на животниот стандард на граѓаните, рече министерот Попоски. 
Како што информира МНР, на маргините на годинешната конференција „Глобсец“ Попоски реализира одвоени средби со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Словачката Република Мирослав Лајчак.
- Притоа, тој информираше за преземените активности од страна на Република Македонија, во контекст на нејзината евроинтегративна агенда. Воедно, министерот Попоски и во оваа прилика уште еднаш се заблагодари за помошта што Словачка и ја дава на  Македонија на овој план, изразувајќи уверување за продолжување на истата и во наредниот период, се наведува во соопштението.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О