Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска излезе со реакција на обвинувањата на пратеникот Антонио Милошоски, за нејзиното вчерашно интервју во Еуроактив.
-Вчера и денес можевме да се увериме дека партијата на власт ВМРО – ДПМНЕ и од неа контролираните мегафони кога бегаат од дебата за било кое прашање знаат само да плукаат и да ја лажат македонската јавност. И затоа денеска би сакала да зборувам за вистинските работи кои што сериозно во Македонија ги влошуваат и имиџот на државата и ги нарушуваат нејзините преговарачки позиции.
Денеска слушаме дека грчкиот министер за надворешни работи ќе имал полесна задача, бранејќи ја својата земја и дека Македонија ги нарушила позициите во делот на спорот со Грција околу нашето уставно име.
Она што мислам дека е вистина, вистина која што пред се ја знае македонската јавност е дека на имиџот на Република Македонија и на нашите преговарачки позиции и нанесуваат непоправлива штета некои други нешта.
И нанесува непоправлива штета фактот дека над 120 дена имаме притворен новинар. И нанесува непоправлива штета фактот дека во Македонија секоја година тонат, на сите објективни листи, медиумските слободи. Се затвараат медиуми, се ограничува слободата на изразување.
На Македонија и причинува ненадоместлива штета фактот дека судовите носат одлуки по партиска мерка, дека највисоката сиромаштија во Европа е регистрирана овде, токму во Македонија. На Македонија и нанесе ненадоместлива штета дека власта, владата и претседателот на македонското Собрание наредија најдиректно да се крши македонскиот Устав и македонските закони, со исфрлањето и на опозицијата, меѓутоа и на новинарите од законодавниот дом.
Ова се работите коишто постојано ја поткопуваат македонската преговарачка позиција. Ова се работите коишто Македонија секојдневно ја кочат во нејзиниот оправдан пат кон европско членство и членство во НАТО.
Меѓутоа, бидејќи слушаме денеска повици, слушаме удирања во гради кој тоа го бранел уставното име и правото на Македонија да си го користи уставното име, денеска не сакам да ве убедувам со зборови, туку да ве убедам со два докази.