Во Барселона сфатија дека им недостасува еден искусен
напаѓач, класичен центарфор кој е добар во воздушните дуели и има
одлично чувство за гол.
Откако пристигна на Ноу Камп, тренерот Херардо Мартино најави
некои новитети во играта на Барселона. Аргентинецот кажа дека е време да
ја надогради ,,тика-така'' играта на Пеп Гвардиола, да биде разновидна,
односно да воведе повеќе тактички решенија. Нормално, сите измени ќе
бидат во рамките на традиционалниот стил и филозофија на игра на Барса.За да биде играта разновидна, тренерот мора да поседува и разновидни фудбалери, па Мартино побарал од челниците на Барселона во зимскиот преоден рок да ангажираат искусен центарфор. Некои фудбалски аналитичари овој потег на Мартино го оценија како враќање во ерата пред Гвардиола, односно во ерата кога на клупата на Барселона седеше Франк Рајкард.
Кога Рајкард пристигна на Ноу Камп, Барселона беше во голема криза, Каталонците не беа шампиони веќе четири години, а со оглед на катастрофалните резултати во првиот дел од сезона 2003/2004 се чинеше дека таа криза уште повеќе ќе се продлабочи. Но тогаш на сцена настапи Роналдињо кој ја препороди Барселона, па Каталонците се пробија до второто место веднаш зад Валенсија, која таа година ја освои шампионската титула.
Барселона денес го бара новиот Ларсон. Каталонците сфатија дека им е потребен центарфор кој ќе биде силен во воздушните дуели, но кој ќе поседува техника која ги задоволува стандардите на Барселона. Во кратки црти, на Барселона му е потребен ,,играч на одлука'', напаѓач кој во најтешките моменти ќе влезе во игра и ќе направи разлика на теренот. Тогаш изборот падна на Ларсон. Ларсон пристигна во Барса на 33 години, но за кратко време остави голема трага во историјата на Барселона. Можеби не постигна многу голови (13 голови на 40 натпревари), но секој гол на Ларсон беше многу значаен. Не треба да се заборави фактот дека Ларсон беше клучен играч на Барселона во финалето против Арсенал. Швеѓанецот асистираше за двата погодоци на Барса.