Претставувањето на новите Broadwell процесори на Intel со себе донесе и многу потенки лаптопи, кои сега можат да се мерат дури и со некои таблети. Најновиот лаптоп, пардон, ултрабук од серијата Zenbook на Asus е еден од најтенките на пазарот, кој има екран на допир со 13,3 инчи дијагонала со Full HD резолуција.
Целосно затворен, новиот Zenbook е 12,3 милиметри кај најшироката точка, односно скоро половина од тоа на најтенката, кај тачпадот. Тежи само 1,2 килограми, што е исто така извонредно постигнување за лаптоп со екран на допир. И покрај тоа, има тастатура со позадинско осветлување, со подобрени и поголеми копчиња во однос на претходните Zenbook серии.
Под тенката надворешна шасија се наоѓа Intel Core M процесорот, кој е ултра штедлив процесор од новата серија Broadwell. Го карактеризираат солидни перформанси, иако тоа не е на нивото на “Core i” серијата. Од друга страна, овој процесор не бара активно ладење, што значи дека лаптопот ќе остане тивок дури и при поголемо измачување. Основната конфигурација вклучува и 8 GB рам, што е за поздрав, како и SSD диск од 128 GB. Со ваквата конфигурација, Asus ветува 10 часови траење на батеријата, што е солиден резултат за толку тенок лаптоп.
Однадвор, Zenbook UX305 нуди 3 USB 3.0 портови за поврзување, од кои едниот ја поддржува Asus Charger + технологијата и може да го наполни вашиот мобилен исто како да сте го приклучиле во штекер. Во пакетот доаѓа и USB во Ethernet адаптер, за оние кои сакаат квалитетна поврзаност со кабел, а доаѓа и miniDP во VGA адаптер, на кој може да се приклучат скоро сите типови на надворешни монитори, што е предност во однос на конкурентите, кои нудат само HDMI порт.



