Озлогласениот џелат на Исламската држава, познат под прекарот "Џихади Џон", кој се појавува во неколку снимки на кои се гледа како ги отсекува главите на заробениците, е идентификуван како Мохамед Емвази од Лондон, пренесува BBC.
Во извештајот е наведено дека неговиот идентитет се знаел веќе некое време, но не бил објавен во јавноста поради оперативни причини. Откако утрово било објавено дека станува збор за Емвази, било откриено и дека се работи за човек кој има британско државјанство.
Мохамед Емвази пораснал во западниот дел на Лондон, а потекнува од многу богато семејство. Корени влече од Кувајт, дипломирал во англиската престолнина, а по струка е компјутерски програмер.
Емвази или "Џихади Џон", го ликвидирал американскиот новинар Џејмс Фоли, а се појавува и на снимките на кои се декапитираат новинарот Стивен Сотлоф, хуманитарецот Дејвид Хејнс, таксистот Алан Хенинг и хуманитарниот работник Абдул-Рахман Касиг.
Вмешан è и во убиствата на јапонските затвореници Харуна Јукава и Кенџи Гото, а се појавува и на снимките од нивното погубување.
Според податоците на британските тајни служби, Емвази бил на "радар" уште од 2006-тата година, кога патувал во Сомалија каде што бил поврзан со терористичката групација Ал-Шабаб.
Washington post дошол до податоци кои наводно потврдуваат дека Емвази патувал во Сирија во 2012-тата година, и дека тогаш се приклучил на Исламската држава.
Иако службите за безбедност сè уште одбиваат да ги коментираат наводите дека Мохамед Емвази е всушност Џихади Џон, фактот што не ги демантираат овие вести потврдуваат дека BBC изнел точна информација.