Мексиканката Леандра Бесера, за која се смета дека е најстарата личност во светот, починала на 128 години, потврдиле тамошните власти.
Родена на 31. август 1887. година во северозападната мексиканска држава Тамаулипас, Леандра Бесера не била на списокот на најстари луѓе во светот, бидејќи пред многу години го изгубила изводот од книгата на родените, јавува AFP, пренесува Tanjug.
Бесера починала во четвртокот во својот дом во Сапопан на западот на Мексико. Локалните власти не ја прецизирале причината за смртта.
Внукот на Леандра, 70-годишниот Самуел Алвеар, рекол дека неговата баба едноставно престанала да дише и додал дека од пред неколку месеци имала проблеми со белите дробови.
Алвеар раскажал дека неговата баба го развеселувала со приказните за Мексиканската револуција, кога правела тортиљи за војниците.
"Го запознала и Панчо Виља", гордо зборувал Алвеар.
Леандра Бесера надживеала пет деца, а до 2011. година имала 61 потомок.
Кога на прославата на 127. роденден ја прашале за тајната на долгиот живот, старицата одговорила дека тајната е во здравата исхрана, долгиот сон и фактот дека никогаш не се омажила.