Натпреварот помеѓу репрезентациите на Црна Гора и Русија во рамките на квалификациите за ЕП 2016-та година синоќа беше одложен поради дивеењето на црногорските хулигани.
Натпреварот беше прекинат во првата минута откако гостинскиот голман Игор Акинфеев беше погоден со бакља во глава. По овој инцидент, Фабио Капело реши да ги повлече своите фудбалери, а Акинфеев итно беше превезен во Клиничкиот центар каде што е задржан со оглед на тоа што претрпел изгореници на главата.
Натпреварот беше продолжен откако претседателот на Црногорскиот фудбалски сојуз,Дејан Савичевиќ успеал да се договори со неговите колеги од Русија фудбалерите да се вратат на теренот.
Сепак, нередите на трибините продолжија, а навивачите на Црна Гора и Русија меѓусебно се гаѓаа со столчиња и разни предмети. Иако официјалниот спикер неколку пати предупреди дека се „на раб на прекин“, сепак страстите на трибините не се смирија. Ситуацијата кулминираше кога остар предмет го погодил Олег Шатов, по што откако беше известен, главниот судија преманентно го прекина натпреварот.
Инаку, околу два часа пред почетокот на мечот, дошло до навивачки инциденти во центарот на Подгорица, пренесуваат црногорските медиуми. Група од педесетина навивачи на Русија се собрала на „Плоштадот на републиката“ каде што се пееле руски песни, а потоа имало обид да се запали знамето на САД, но во тоа навивачите биле спречени од полицијата.
Околу целиот случај се огласи рускиот министер за спорт Виталиј Мутков кој го нарече инцидентот срамен и порача дека натпреварот не смеел да биде продолжен откако беше повреден Акинфеев.