Исповед за моментите на ужас: „Ги зедовме децата, сите почнаа да бегаат од плажата”

Терористите во денешниот напад убиле најмалку 27 луѓе. Сè уште владее страв и посетителите се во шок.

Вооружени мажи нападнале два туристички хотели во Тунис, во одмаралиштето Сус. Во овој терористички напад бил убиен еден од напаѓачите во борба со полицијата. Министерот за внатрешни работи на Тунис објавил дека биле убиени најмалку 27 луѓе, пренесува „Sky news”.


Туристите се потресени и во шок, а некои од нив на кратко ги опишале ужасните моменти на нападот. Sky News ја пренесува изјавата од Елизабет Обрајан од Даблин, која рекла дека во моментот кога почнале да се слушаат пукотници, ги зграбчила своите два сина и трчала да ги спаси. „Бевме на плажа, моите синови беа во морето, а јас само што излегов од него“, раскажала Елизабет.



„Беше околу 12 часот попладне и наеднаш на околу 500 метри од мене видов како паѓа воздушен балон, а потоа видов пламен и двајца луѓе кои трчаа во мој правец“, ги опишала потресните моменти за RTE Radio.

„Прво што си помислив беше, Боже, ова звучи како пукање“, рекла затоа што на почетокот мислела дека станува збор за огномет.



„Кога сфатив дека се пука, истрчав во водата и ги зграбчив моите деца и нашите работи и почнав да трчам. Чуварите на плажата, келнерите и персоналот од хотелот почнаа да викаат ’Трчајте, трчајте!’ и ние влетавме во нашата соба во хотелот“, раскажала Елизабет и опишала дека чувствувале како практично да се заробени во своите соби.

После тоа ја повикал ирскиот конзулат во Мадрид и ја известил дека се работи за терористички напад во хотел покрај нејзиниот и да остане каде што е. „Се плашам да појдам до рецепција и останувам во собата без да знам што навистина се случува“, раскажала преплашената Елизабет.

Сузан Рикет, која отседнала во хотелот Palm Marin во близина на Сус, изјавила за „Sky News“ дека нејзината сестра разговарала со некој кој видел „некои луѓе кои пукаат и погодиле некого“, но не знае дали е тоа вистина.

„Звучеше како да се пукаше од митралез и после тоа како да слушнавме звук од експлозија“, рекла Сузан. „Ни кажаа дека тоа се случува во хотелот веднаш покрај нашиот и полицијата одведуваше некои луѓе. Тоа е сè што знам“, додала.

Еден хотелски службеник изјавил дека напаѓачот бил маскиран во турист затоа што сакал да се вклопи во „масата“. Упаднал во хотелскиот комплекс и пукал на сите луѓе.

„Ние игравме одбојка на дваесетина метри од брегот и се упативме кон водата“, рекол еден турист.


Друг посетител, Гери Пине, исто така прво мислел дека се работи за огномет. „Но, наскоро сите сфативме за што всушност станува збор“, раскажал тој. „Дојде до масовно бегање на луѓето од плажата. Мојот син во тие моменти беше во вода и јас исто така бев на плажата, а додека потрчав по него мојата сопруга ми викаше дека штотуку видела како убиле некого“, рекол Гери.

Полицијата им наредила на сите посетители да влезат во хотелот, за да бидат на сигурно.

ТОП10 ОК ?

1 2 3 4 5 6 7 8 9 20ОТ О