Специјалците на Државната агенција за истрага и заштита во БиХ, уапсиле седум лица поради трговија со луѓе кои ги принудувале да просат.
Во соопштението се наведува дека во операцијата под шифрирано име "CD", која била спроведена во Зеница, Власница, Јајце и Приједор, уапсени биле Е.С, Д.Х, Т.Х, Л.Х, Н.Д, Б.Т и Е.Х.. Четворица од нив се од исто семејство, а наведено е дека се уапсени "поради постоење на сомнение дека извршиле кривично дело организиран криминал со трговија со луѓе со цел работна експлоатација".
Уапсените стапувале во вонбрачни заедници со жени, а потоа жените и малолетните деца ги носеле во Франција, каде им се заканувале, ги уценувале и ги злоставувале за да просат и крадат по француските улици.
Сите пари кои несреќните жени и нивните деца ги собирале им ги предавале на "босовите", кои на тој начин заработиле 2 милиони евра! Со тие пари, според обвинението, купувале недвижнини во Босна и Херцеговина, но и луксузни возила.
Тие се обвинети и за перење на пари, фалсификување на исправи, шверц на луѓе и злоупотреба на опојни дроги.