– Замислете, ем бев натепан, се виде од снимката, и сега да платам уште и казна. Инспекторот ми рече дека новинарот на Сител однел петмина сведоци од инцидентот пред резиденцијата на амбасадорот Орав – рече Саше Политико за Либертас.
Како што му кажал инспекторот, тие тврделе дека за да го натепа, новинарот Сарма бил претходно провоциран и пцуен од Саше и затоа физички насрнал на него.
– Се е тоа ноторна лага. Ако сака полицијата ќе земе снимки од безбедносните камери на резиденцијата, и ќе се види дека единствено што изустив беше „здраво Сител“, во јавувањето во живо на вестите на Сител. Дојдоа тројца колеги новинари уште утредента во полициска станица и дадоа изјава дека Сарма без причина ме натепа. Ако е за утеха, како што го разбрав инспекторот, иста парична казна ќе добиел и Сарма. Јас и мојот адвокат ќе поднесеме тужба против новинарот на Сител и ќе барам отштета за претрпен стрес и болка, вели Политико.
Инцидентот во кој Александар Спасовски Сарма го натепа со шамари Саше Ивановски Политико се случи ноќта еден час пред да биде потпишан договорот во Пржино меѓу власта и опозицијата.