Ударот на астероидот во Земјата, којшто официјално ставил точка на ерата на диносаурусите, ја разорил нашата планета поради пука случајност, велат научниците.
Ако по било каква случајност тој удрел во Земјата само 30 секунди порано или подоцна, тој би предизвикал неспоредливо помала штета и диносаурусите веројатно би преживеале. Тоа истовремено значи дека човекот никогаш не би прераснал во доминантен животински вид на планетата, открива новиот документарец на BBC.
Се претпоставува дека астероидот удрил во Земјата пред околу 66 милиони години и тоа на подрачјето на денешниот полуостров Јукатан во Мексико, оставајќи зад себе кратер широк речиси 180 километри и длабок повеќе од 30 километри.
Научниците коишто ја проучувале геолошката структура на кратерот откриле дека тлото е богато со сулфурни соединенија. Воздухот при сударот се исполнил со облак од прашина, после што било засенето Сонцето, а со тоа се предизвикало ладење на нашата планета.
Со децении температурите на нашата планета биле толку ниски, што поголемиот дел од живите видови на Земјата едноставно исчезнале, а се претпоставува дека диносаурусите изумреле поради глад, а не директно од самиот удар.
Меѓутоа, ако астероидот со пречник од 9.6 километри паднал неколку секунди порано или подоцна, веројатно би удрил во Атлантикот или Пацификот, при што не би биле предизвикани толку фатални последици. Научниците претпоставуваат дека на тој начин би испарил голем дел од морската вода, но дека штетата секако би била помала.
Професорката Џоана Морган од Кралскиот колеџ во Лондон којашто со професорот по геофизика Шон Галик на Универзитетот во Тексас ја спровела анализата на тлото во Јукатан, изјавила дека отприлика 100 милијарди тони сулфати биле подигнати во атмосферата, додавајќи – “Тоа е доволно за да се излади планетата во следните десет години и да ги уништи поголемиот дел од живите организми”.
Кобниот удар од астероидот бил толку моќен што дури три четвртини од животот на Земјата исчезнал, вклучувајќи ги тука поголемиот дел од диносаурусите, но тоа воедно им дало шанса на помалите цицачи, а потоа и на луѓето, да напредуваат.
Деталните откритија се забележани токму во новиот документарен филм “The Day The Dinosaurs Died”, којшто ќе биде прикажан на BBC 2.